Северно американската филијала на BMW издаде
соопштение во кое се вели дека 200.000 автомобили се повикуваат во сервис
поради грешка на сензорот на воздушните перници.
Соопшетнието беше издадено откако Националната администрација
за безбедност на патиштата во САД, National Highway Traffic
Safety Administration (NHTSA) дојде до заклучок дека страничната воздушна перница
сместена во седиштето на совозачот има шанси да не се отвори при судар.
Со овој проблем се опфатени: Серија 5
седан од 2004 до 2006, Х3 од 2004 до 2006 и дел од Серија 3 од 2006. Поради
сериозноста на проблемот BMW одлучи да ги повика во сервис сите возила кои
потенцијално можат да го имаат овој проблем.
Во NHTSA откриле дека проблемот не е поврзан со погрешен дел
вграден во фабрика туку со настанување на замор во материјалот од често
влегување/излегување на совозачот.
Станува збор за престанок на функционирањето на сензорот кој
дава сигнал совозачката воздушна перница да се деактивира кога на седиштето се
поставува дете со детско седиште.
Овој безбедносен систем сам по себе игра голема улога
кога на совозачкото седиште се превезува дете и спречува детето да биде
повредено од силата што ја произведува воздушната перница кога се активира.
Но, системот во случајов не функционира и кога на
седиштето се вози возрасен патник.
Проблемот дефинитивно не е едноставен за BMW бидејќи
бројката од 200.000 автомобили претставува две третини од вкупно продадените
автомобили на годишно ниво во САД. Пресметката вели дека вкупно 15% од
продадените автомобили од 2004 до денес ќе треба да одат во сервис.
Како дополнување на извршената корекција на сензорот BMW ќе го
продолжи гарантниот рок на споменатите серии на возила на 10 години без оглед
на изминатите километри. Но, се однесува само на извршената корекција односно
сменетиот сензор на совозачкото седиште.
Секако сервисот ќе биде бесплатен.
Интересно е што Европската агенција за проценка на
безбедноста на возилата EuroNCAP досега не востановила ваков проблем кај возилата на BMW.
Се чини дека проблематичните автомобили се дел од
серијата наменета за пазарот во САД и дека кај автомобилите наменети за пазарот
во Европа отсутвуваат вакви грешки.
Сепак, за да се знае со сигурност треба да се очекува и
соопштение од EuroNCAP.
|