Независната европска агенција за проценка на безбедноста кај автомобилите е на пат да воведе нови норми од следната година со цел да се подигне безбедноста степен повисоко.
EuroNCAP - European New Car Assesment Programe или европска програма за проценка на нови автомобили е основана во 1997 кога остварувањето на 5 ѕвезди за безбедност се чинeше дека е безмалку невозможно.
Но, од нејзиното основање работите тргнаа по нагорен правец и во 2007 по точно 10 години работа дури 97% од испитаните возила успеаја да остварат високи 4 и 5 ѕвезди за најважната заштита, а тоа е заштита при фронтален судар на возачот и совозачот.
Програмата на EuroNCAP од своите почетоци до ден денешен се гледа како репер според кој производителите се водат при конструирање и производство на автомобили со високо ниво на безбедност.
Секако доаѓа време кога поставените репери го постигнале саканиот ефект. Сега кога безмалку сите производители успеваат да постигнат одлични резултати на краш тестовите на EuroNCAP време е работите да се сменат. Односно регулаторите кои управуваат со ова тело да воведат нови повисоки стандарди.
Краш тестот на ADAC со новата Renault Laguna, кога автомобилот удира во ѕид со 80 km/h или 50 mph, како да беше дополнителна иницирачка сила за EuroNCAP.
Од почетокот на 2009 на производителите на автомобили ќе им биде значително потешко да стигнат до највисоките оценки на EuroNCAP. Регулаторите планираат да воведат сосема нов систем на оценување и рангирање кој ќе биде далеку построг од досегашниот.
Во EuroNCAP веруваат дека има многу области во кои е потребено подобрување и истакнуваат дека најголем акцент треба да се стави на заштитата на пешаци.
Причина за ваквото размислување на регулаторите е фактот дека ниту еден автомобил до сега не успеал да го освои најдобриот резултат кој изнесува 4 ѕвезди за заштита на пешаци. Уште полошо е што најголемиот број на автомобили завршуваат со просекот од две ѕвезди, а ретки се тие што освоиле 3 ѕвезди.
Производителите на автомобили беа сконцентрирани на подобрување на безбедноста на патниците заради привлекување на што поголем број купувачи користејќи ги достигнувањата во EuroNCAP во своите рекламни кампањи.
Сето ова оди на сметка на заштитата на пешаци истакнуваат во EuroNCAP. За да се надмине овој проблем ќе биде подготвен нов систем за оценување кој ќе ја наградува севкупната безбедност на автомобилот, а не само одредени сегменти.
За прв пат во EuroNCAP ќе бидат земени предвид новите напредни технологии кои му асистираат на возачот во критични ситуации како што се ESP, неконтролирано напуштање на коловозната лента, заштита од повреда на вратот итн.
Првите резултати за возилата тестирани според новите норми ќе бидат објавени во февруари 2009.
Генералниот секретар на EuroNCAP, Мишел ван Ратинген по повод воведувањето на новите норми изјави: „Императив на EuroNCAP е да продолжи да поставува повисоки норми кон кои ќе се стремат производителите на автомобили. Нашиот нов систем на проценка ќе го стори токму тоа.”
Ратинген воедно откри дека: „Автомобилите кои сега освоиле 5 ѕвезди, не значи дека ќе освојат 5 ѕвезди и во иднина”.
|