Peugeot 4007 пристигна во Македонија, поточно во
салонот на импортерот Еуроимпекс, а петте преимероци кои беа изложени на
статичката презентација веќе ги пронашле своите купувачи.
„Peugeot во Македонија има изграден имиџ и има свои верни
купувачи,” истакна еден од двајцата сопственици на Еуроимпекс, Даниел
Воиновски. „Овие пет примероци први во Македонија и во регинот беа продадени со
самото пристигнување во салон,” додаде тој.
Планот на Еуроимпекс е до крајот на годината да продадат
100 примероци, а првиот контингент од околу 30 возила веќе им стојат на
располагање на нашите купувачи.
Македонија ексклузивно и прва во регионот го добива Peugeot
4007 далеку пред своите соседи.
4007 кај нас доаѓа со двe нивоа на
опременост Premium и Premium Pack и со две моторни понуди бензинец од
2.4 литри со 170 коњски сили дело на Mitsubishi и веќе
претставениот турбо дизел од 2.2 HDI со 156 коњски сили
од последната генерација мотори на Peugeot.
Бензинецот остварува 170 КС при 6.000 вртежи и максимален
вртежен момент од 232 Nm при 4.100 вртежи доволни за максимална брзина од 190 km/h и
забрзување до 100 km/h за 9,2 секунди со просечна потрошувачка од 9,4 литри
бензин на 100 изминати километри.
Но, сепак кога станува збор за современите SUV акцентот оди
на модерните турбо дизели кои покрај пониската потрошувачка нудат мноштво снага
на ниски вртежи од огромниот вртежен момент кој во случајот на 2.2
HDi DPFS изнесува 380 Nm при 2.000 вртежи и во однос на бензинецот е поголем за повеќе од 60
проценти.
Цената и опременоста се првите нешта што сака да ги
дознае секој купувач па за тоа да не должиме. Peugeot 4007 кај нас
стартува од 29.810 евра за бензинска верзија со ниво на опременост Premium, а за исто
опремениот 2.2 HDI потребно е да се издвојат 34.410 евра, додека дизелот со
повисоко ниво на опременост Premium Pack чини од 37.940 евра.
Според Воиновски цените се конкурентни и соодејствуваат
на високото ниво на опременост и одличните мотори, пред се дизелот на Peugeot.
„Во согласност со нашата политика за настап на пазарот, се надеваме дека ќе
го завземеме местото кое ни припаѓа,” завршува Воиновски.
Откако ги дознавме цените да видиме што ни носи Premium
нивото на опременост: 6 водушни перници, ESP, ABS, EBFD, ASR, Isofix,
централна брава со далечинско, местење на воланот по висина, темпомат,
електрика на стакла напред/назад, електрика на ретровизори плус греење, радио CD со МР3 со
команди на волан, кожен волан, двозонски автоматски клима уред, хромирана
облога на задната врата која се отвора надола и служи како платформа со
носивост до 200 kg, леснометални бандажи од 16 инчи, борд компјутер, светла
за магла напред.
Пакетот Premium Pack дополнително нуди: сензори за
паркирање одзади, затемнети стакла одзади, CD чарџер за
6 CD, леснометални бандажи од 18 инчи, автоматско вклучување на светла, ксенон
предни светла со автоматско поддесување и миење, кожен ентериер со електрика на
предни седишта и греење.
Она што може да се забележи на прв поглед е визуелниот
настап на Peugeot 4007 кој во живо плени повеќе отколку на
фотографија. Разјапената челуст и мачкестите светла никого не го оставаат рамнодушен
и мами на помислата: „Ако личи вака, како ли само вози?”.
Но, тоа ќе го дознаеме на динамичката презентација и од
тест возењето кои се очекуваат наскоро.
|