Get Adobe Flash player
Пристигнаа Megane и Koleos
30.12.2008
renault-megane-mkd-1.jpgДолго очекуваната трета по ред генерација на Megane во друштво на првиот SUV на Renault, Koleos, пристигнаа и од сега им се нудат и на купувачите во Македонија.

Двата модели одамна им се познати на љубителите на автомобилите кои веруваме дека веќе ги познаваат до најситен детал. Koleos беше претставен на почетокот од годината што изминува, додека Мegane светската премиера ја доживеа пред домашната публика во Париз.

Двата автомобили ги следевме од нивниот развој се до нивното пристигнување на македонскиот пазар.

Првeнецот на Renault

Koleos
стартуваше со производство уште минатата година во Бусан, Јужна Кореа, во погоните на Renault-Samsung. Прво под името QM5 наменет за азиските пазари, а потоа како Koleos за пазарите во Европа.

Првенецот на Renault меѓу меките теренци ќе има тешка задача да се избори за својот дел од пазарниот колач во сегмент каде владее жестока конкуренција.

Сепак, моќните мотори дизелот 2.0 dCi со 150 КС и бенизнецот од 2.5 литри со 170 КС, конкурентните цени, високото ниво на опременост и практичните новини како преклопувањето на задната деллива клупа само со повлекување на рачка во багажникот, се тука за да ги привлечат купувачите.

Koleos во понудата ја вметнува и верзијата со погон на предни тркала за која ќе се одлучат оние на кои теренеските способности не им се толку важни, но затоа ја преферираат варијабилноста и практичноста и високата возачка позиција.

Уште од основниот пакет Expression кој се нуди само во верзијата со погон напред, Koleos доаѓа со богата сериска опрема. Клима уред, ABS+EBD, 6 воздушни перници, електрика на стакла, патен компјутер, централна брава со Renault картичка за отклучување и стартување на возилото, прогресивно серво управување, радио CD со команди на волан, потпирач за раце меѓу предни седишта, светла за магла, електрика на ретровизори, возачко седишта поддесиво по висина, масички во потпирачите од предните седишта и алуминимски бандажи од 17 инчи.

Цената стартува од 26.290 евра за Koleos 2.0 dCi 4x2 Expression. Цената на најевтината верзија со погон на четири тркала стартува од 29.690 евра и за неа се добива Koleos 2.0 dCi 4x4 Dynamique кој дополнително нуди автоматски клима уред, автоматска паркинг сопирачка, сензори за дожд, паркинг сензори напред и назад, темпомат, МР3, Handsfree картичка за стартување на возилото, греени ретровизори со паркинг позиција, кровни носачи и волан и рачка од менувач обложени со кожа.

Трета генерација на успешниот Megane

Првите сознанија за третата генерација
Megane ги имавме уште на почетокот на годината кога ловците на автомобили успеаја да уловат еден маскиран прототип.

Потоа постојано љубопитноста кај автомобилските поклоници се подгреваше, се до појавувањето на протечената информација за верзијата со пет врати, Megane Berlina и шпијунските фотографии на купето, фатено за време на снимање на рекламен спот.

Постепеното откривање на третата генерација на Renault Megane Berlina и Megane Coupe кулминираше со претставувањето пред и светската премиера на салонот во Париз. Од тогаш единствено се чекаше на појавувањето на автомобилот во продажните салони.

Се случи и тоа, безмалку, пред самиот крај на годината. Очекувањата на импортерот Automotive Group од новиот Megane се големи. Пред се поради значителен пораст на продажбата на возила од С-сегментот или популрано наречена компакт класа кој опфаќа 45% од сите продадени автомобили на македонскиот пазар.

Предвидувањата на компанијата се дека следната 2009 дури 50% од продажбата на возилата на Renault, кај нас, ќе отпадне токму на Мegane за кого се очекува пазарно учество од преку 5% во својот сегмент.

Големите очекувања според одговорните за продажба во Automotive Group се должат на одличната ценовна политика на компанијата. Имено новиот Мegane поскапува за само 2% во однос на претходникот.

Стартот е од 15.590 евра. Цената важи и за бензинецот 1.6 со 100 КС и за дизелот 1.5 dCi со 85 КС со ниво на опременост Authentique каде се добива клима уред, ABS+BAS+EBD, 6 воздушни перници, електрика на стакла напред, патен компјутер, централна брава со Renault картичка за отклучување и стартување на возилото, прогресивно серво управување, радио CD со команди на волан, електрика на ретровизори, возачко седиште поддесиво по висина, деллива задна клупа и дополнително затемнети задни стакла.

Renault истакнува дека новиот Megane ќе се произведува според највисокиот стандрад ISO 14001 за што производителот има добиено посебен сертификат. Дури 85% од вградените материјали и делови се рециклираат без притоа да се изгуби чувството за квалитет и завршна обработка.

Сопствениците ќе профитираат од поекономичните мотори, намалените трошоци за одржување, подолгите сервисни интервали, новиот систем за контрола на маслото OCS кој менувањето не го ограничува на одреден временски интервал или мината километража, туку според условите на возење.

Во Renault се гордеат и со воведувањето на мотор Е85 во 2009 кој како погонско гориво ќе користи Биоетанол, за жал ова на нас малку ни вреди бидејќи ќе мине долго време пред ова гориво да пристигне на нашиот пазар. Веруваме дека верзија со LPG би била далеку поприфатлива за во Македонија.

Третата генерација на Megane е исправена пред голем предизвик. Дали ќе ги исполни очекувањата ќе покаже времето, но со оглед на значителниот технички и технолошки напредок во однос на претходникот и привлечниот дизајн, шампионот на EuroNCAP не би требало да има задршка во освојувањето на купувачи.


 

 

 

Facebook