Неполн месец по светската премиера на островот Ибица,
Шпанија најпродаваниот и најуспешниот модел на Seat на сите
времиња, модерната Ibiza пристига во Македонија.
Македонските купувачи први во регионот имаат можност да
се запознаат со новата, четврта по ред, генерација на Ibiza, која од
своите почетоци до сега е пордадена во повеќе од 4.000.000 примероци. Промоцијата се одржа во клубот Форца каде во летна атмосфера и преку луда забава новата Ibiza и беше претставена на македонската публика.
Ibiza зафаќа 45% од вкупната продажба на Seat, бројка за
респект, но и бројка која ги примора инженерите на Seat да отидат
чекор подалеку во креирањето на новата генерација на Ibiza.
Поставена на платформа од нова генерација Ibiza се стреми
да биде предводник во класата како со возната динамика, така и со високо
технолошките компоненти.
DSG менувачот со две спојки и со седум степени на пренос е
прв од ваков вид вграден во автомобил од оваа класа. Понатаму следат технолошки
досетки од типот на Hill Hold Assist систем за помош при тргнување на
нагорнина, адаптибилни светла за магла со функција за осветлување на
свијок кога ќе се сврти воланот, единствени странични воздушни перници, први од
ваков вид, кои воедно го штитат и градниот кош и главата на возачот и
совозачот, проширување на можноста за забава со стандардни приклучоци за USB и iPod, но и
универзален приклучок за систем за навигација.
Супер идеја која веруваме набрзо ќе го освои светот
бидејќи јасно е дека системите за навигација што ги нудат производителите на
автомобили се далеку поскапи од оние што можат да се купат на слободен пазар.
Плус тука е можноста веќе купената навигација да ја преместите во друг
автомобил или ако дозволува системот да ја понесете со себе за полесно снаоѓање
додека талкате пешки низ улиците на непознат град.
Покрај технолошките новини и извонредниот стил
препознатлив за автомобилите на Seat, новата Ibiza не само што
се разликува драстично од својот претходник, наследувајќи ги дизајнерските
елементи од концептот Bocanegra, туку таа носи и подобар квалитет.
Во Seat наведуваат дека квалитетот е подигнат на ниво на
автомобилите на марката под која припаѓа. Препознавате, станува збор за Audi. Не е
случајно што експертските тимови на Audi минаа месеци во
развојниот центар на Seat поставувајќи ги основите од премиум сегментот за
производство на еден големосериски автомобил.
Присуството на премиум сегментот се забележува од
споевите на каросериските панели, до изработката и квалитетот на материјалите
во внатрешноста. Иако со минималистички дизајн Ibiza може да са
пофали со одлична завршна обработка и добра опременост. Дополнително тука е
изобилството од простор, а како точка на „i” е најголемиот багажник во класата,
но овој дел веќе е познат.
Во Македонија Ibiza пристигнува со
четири мотори, два бензинци и два дизели и три нивоа на опременост.
Вообичаените Reference, Stylance и Sport. Но, ова е стартот, понатаму се очекува и пристигнување
на 1.6 литарскиот бензинец со 105 КС.
Претставници на бензинските мотори се 1.2 и 1.4 литарците со 70 КС и со 85 КС, а дизелската понуда е заокружена со 1.4
TDI со 80 КС и 1.9 TDI со 105 КС.
Опременоста од секогаш во Seat била мисла
водилка, а намерата е задовлни клиенти пред се. Тоа го докажуваат и сега. Уште
основниот пакет на опрема Reference нуди 4 воздушни перници, ABS,
имобилизатор, Isofix, клима уред, централна брава со далечинско, затемнети
стакла, електрика на предни стакла, местење на возачко и совозачко седиште по
висина, деллива задна клупа, светла за магла со функција за осветлување во
свијок.
Stylance ја дополнува магијата со радио со CD и МР3 со Aux-in приклучок
за и контролни копчиња поставени на столбот на управувачот, темпомат, патен
компјутер, fallow-me-home функција на светла, електрика на задни стакла, кожен
волан и рачка од менувач, електрика на ретровизори со греење, хромирани рамки
на предните светла.
Во Sport се добиваат плус леснометални бандажи од 16 инчи,
спортски седишта и напред и одзади, но отсуствува fallow-me-home функција
на светла. Првпат кај Ibiza со пакетот Sport се нуди и спортско
подвозје кое се добива со доплата.
Се разбира за
тоа како функционира новата Ibiza на пат и во секодјневна употреба ќе пишуваме поопширно
понатаму по првото возење. Сепак, сите што ќе сакаат да седнат зад воланот на новата Ibiza ќе можат да го сторат тоа на кусото тест возење организирано од застапникот на Seat за Македонија компанијата Ка-Дис.
Почнувајќи од денес, четврток 12 јуни, па се до недела 15 јуни од 9 до 18 часот сите заинтересирани треба да пристигнат во клубот Форца од каде што стартуваат тест возења.
Подолу се
моделите и цените со кои Ibiza тргнува во освојување на македонските купувачи.
Reference
Ibiza 1.2 12v 11.490 евра
Ibiza 1.4 16v 11.990 евра
Stylance
Ibiza 1.2 12v 12.290 евра
Ibiza 1.4 16v 12.790 евра
Sport
Ibiza 1.4 16v 13.690 евра
Reference
Ibiza 1.4 TDI 13.990 евра
Stylance
Ibiza 1.4 TDI 14.990 евра
Sport
Ibiza 1.9 TDI
17.500 евра
|