Од соработката меѓу застапникот на Renault
за Македонија, Automotive Group и најстарата автомобилска ревија, Авто Плус, настана проект крстен како Renault Clio by Авто Плус.
Автомобилот направен по повод прославата 15 години постоење
на Авто Плус претставува еден вид роденденски подарок за читателите на
ревијата.
Станува збор за Renault Clio Rip Curl 1.2 TCE доработен
во тјунерската работилница Tehnosport. Целта на креаторите на проектот била
да се создаде модификуван автомобил способен за секојдневна употреба.
Зaтоа преработиките од надвор се минимални. Она што
се забележува на прв поглед се леснометалните бандажи од 17 инчи производ на Kosei обуени во
гуми 205/40 кои ги испорача Good Year.
Автомобилот напред е спуштен за 50 mm, а назад
за 35 mm. Заради поголема стабилност на правец и во свијоци зголемен
е наклонот на предните тркала за 1,5%, а назад се додадени дистанцери од 18 mm.
Потпирањето на предните тркала дополнително може да се
поддесува со посебен модул кој се испорачува заедно со возилото. Така идниот
сопственик во зависнот од потребата ќе може да ја менува висината на предниот
дел.
Доработките на подвозјето не се направени без причина.
Моторот исто така претрпел одредени модификации со што моќноста е зголемена од
100 КС при 5.500 врт/мин на 134 КС при 5.800 врт/мин.
Модификациите опфаќаат корекции на всисната грана и
системот за вбризгување на гориво, вградување спортски филтер за воздух K&N, комплетно
нов издув со зголемен проток на гасови и зголемување на
притисокот во турбо полначот на 0,9 бари со што е добиен поголем вртежен момент
за околу 20%.
Изразено во бројки ова значи дека максималниот вртежен
момент од 145 Nm при 3.000 врт/мин пораснал на 190 Nm
расположиви во дијапазон од 2.500 до 4.500 врт/мин. Сето ова е доволно за
достигнување на максимална брзина од 205 km/h и спринт
до 100 km/h за 8,5 секунди.
Серискиот автомобил не оди преку 184 km/h, додека до
темпо 100 му се потребни 11,1 секунди.
Внатре измените опфаќаат аудио систем со навигација и DVD, AVIC
X1R, со TFT екран осетлив на допир од 6,5 инчи производ на Pioneer, поддржан
од звучници со моќност од 180 W напред, 130 W назад и сабвуфер од
150 W.
Понатаму облогите на вратите се заменети со нови од
италијанска кожа во црвена боја прошарани со црни шевови во форма на ромб. Кожа
е поставена и на централната конзола, додека педалите и рачката од менувачот
носат печат на Sparco.
Специјалната едиција на Renault Clio by Авто Плус е
изложена во салонот на Automotive Group и стои на располагање на заинтересираните
купувачи.
Цената на серискиот Renault Clio Rip
Curl 1.2 TCE изнесува 14.340 евра, додека вредноста на вградените
компоненти изнесува околу 6.000 евра. Сепак, бидејќи претставува роденденски
поклон за прослава на 15 годишниот јубилеј цената на Renault Clio by Авто Плус
изнесува 15.500 евра.
|