Get Adobe Flash player

Возевме: Bentley Continental GT Speed
01.12.2008
bentley-gt-speed-1.jpgБританската марка Bentley, секому позната по своите луксузни но во исто време автомобили што нудат спортска нота за своите сопственици, пристигна во Македонија.

Еден ваков настан неможе да остане незабележан. Македонија беше една од попатните точки каде застана караванот на Bentley на турнејата низ регионот.

Bentley пристигнува во Македонија преку својот застапник за Австрија, компанијата Bentley Виена, која пак, преку застапникот за Volkswagen во Македонија, компанијата Porsche Македонија, ќе им ја понуди програмата на британскиот производител на ретките среќници кај нас.

Наведеново можеби личи малку конфузно, но знаеме дека Bentley егзистира под капата на групацијата Volkswagen, па оттука логично е нивните автомобили да се нудат преку застапникот на VW.

За турнеја беше избрана гамата на Bentley, Continetal. Лимузината Continental Flying Spur, купеата Continetal GT и Continental GT Speed и кабриолетот Continental GTC.

Автомобилите беа изложени пред продажниот центар на Porsche Македонија, a повиканите гости можеа да седнат зад воланот и не само да се запознаат туку на кусо и да ги почувствуваат ремек делата на четири тркала произведени во погоните на Benltey.

Наш избор беше Continental GT Speed. Купето го носи називот Speed, наследство од тркачките автомобили на Вentley од 20. години на минатиот век кои палеле и жареле на трките и релијата.

Continental GT Speed e најмоќниот автомобил во историјата на Benltey и е прв произведен во нивните погони којшто ја минува магичната граница од 200 mph или 322 km/h. Поточно максималната брзина на GT Speеd изнесува 326 km/h.

Чудовишниот мотор W12, дело на инженерите на Volkswagen, со помош на два турбо полначи истискува 610 коњски сили при 6.000 врт/мин и има максимален вртежен момент од камионски 750 Nm расположиви од 1.700 до 5.600 врт/мин.

Овие бројки се доволни за да го охрабрат секој возачки настроен богат ентузуијаст кој придава големо значение на перформансите и возната динамика на автомобилот подеднакво како и на луксузот, а податокот дека катапултирањето до 100 km/h на 2,5 тони тешкото купе трае само 4,5 секунди мамат насмевка.

Во кабината се влегува преку голема масивна врата за која треба да се употреби малку повеќе сила од вообичаено за да се задвижи и при затворање и при отворање. Се спуштате во тврдо поставено седиште со испакнати страници преслечено во кожа.

Иако тврдо седиштето е удобно, страниците даваат добра потпора во свијок. Едноставно се чувствува како седиштето да е слеано со телото и овозможува возачот да ја почувствува секоја реакција на автомобилот.

Можеби ова е очекувана слика за во еден Ferrari, но во Bentley!? Одлично! Управувањето е прецизно, директно и што е најважно пренесува информации од подлогата. Во секое време возачот знае што се случува со и под тркалата, а со зголемување на брзината воланот се укрутува и бара повеќе сила за да се сврти. Како да не постои серво и врската да е директна.

Одлично за сите оние што сакаат да го бркаат автомобилот, да ги откриваат неговите, но и своите лимити. Без оглед што се работи за колос, тука задоволството при возење не е ускратено на сметка на удобноста и префинетоста.

GT Speed моќно повлекува без оглед на брзината со која возите и степенот на пренос во кој се наоѓа шест степениот автоматски менувач. Притискањето на педалот за гас до даска открива нов свет. Забрзувањето е брутално, а автомобилот како да сака да ви се отргне од раце. Како да сте фатиле разјарен бик за рогови и треба да го ставите под контрола.

Погонот е постојан на сите четири тркала па така пренесувањето на снагата врз подлогата е безмалку без губитоци. Иако при нагло забрзување се чувствуваат одсечни тргање кое доаѓа од обидите тркалата да ја пренесат моќната коњица на асфалт.

Токму затоа во Bentley многу повеќе се гордеат на меѓузабрзувањата што ги остварува GT Speed, отколку спринтот до темпо 100. Забрзувњето од 80 до 120 km/h, дијапазон на брзина кога најчесто се претекнува, изнесува 3 секунди.

Суспензијата нуди повеќе опции. Од меко, до супер тврдо поддесување. Тогаш може да се почувствува секоја нерамнина на асфалтот, но и секое движење на автомобилот. Централниот информативен дисплеј дополнително информира за притисокот во гумите и колкава е максималната брзина до која може да се оди со толку напумпани гуми.

Едноставено доколку се извлекува максимум од моторот и возачот е расположен да вози на нож, возењето со GT Speed може да наликува на возење на ролеркостер кревајќи го нивото на адреналин до висока вредност.

Што се однесува до квалитетот на обработката, вградените материјали и комплетните технички податоци најдобро е да се посети интернет страницата на Bentley Motors.

Секој што го интересира таму ќе разбере дека фурнирот ја носи природната боја на дрвото и дека за секое дрво соборено за да се изработи внатрешноста, Bentley сади ново.

Кожата е внимателно бирана и несмее да има ниту убод од инсект. Парчињата се сечат со ласер за да се постигне совршено налегнување на шевот. Воланот се шие цели пет часа со една непрекината нишка конец.

Забелешка може да се упати на користењето на одредни копчиња својствени за автомобили од групацијата на VW. На пример копчето за вклучување на светлата. Кога се работи за Bentley сметаме дека секој детал треба да биде посебен.

Палките за рачно менување на степените, кога менувачот е во мануелен модус на работа, се сместени зад волан и се поставени на идеална висина токму за да можат да се користат само со повлекување на показалецот.

Прстот природно паѓа на нив, но затоа рачките за вклучување на бришачи и трепкачи се поставени ниско и бараат навикнување, бидејќи често се случува да се згреши и да се притисне погрешната рачка и да се префрли во друг степен.

Сепак, веруваме дека неколку ситнурии сигурно нема да ги разубедат ретките возачки настроени среќници да го збогатат својот возен парк и да уживаат во задоволствата што ги нуди Continetal GT Speed.

Најмоќниот и најбрзиот Bentley на сите времиња.


 
Get Adobe Flash player