Големиот Валентино Роси по долга пауза конечно се качи
највисоко на победничкиот пиедестал. Тримфот на ГП Кина е прв
за Роси по победата во Португалија во септември 2007.
Докторот на патеката во Шангај после долго време им одржа
лекција на Дани Педроса и Кејси Стоунер. Најголема беше битката со водечкиот во
генерален пласман Педроса која се одвиваше во текот на целата трка, но на крај
Роси успеа да му земе безмалку 4 секунди на Шпанецот.
Разликата беше многу поголема во однос на
третопласираниот Стоунер. Актуелниот светски шампион во Moto
GP целта ја мина заостанувајчи зад Роси добри 15.928 секунди.
Роси ја искористи позицијата на стартот за да му се
залепи на Педроса возејќи заедно со него во првата половина од трката. И покрај
обидите Шпанецот не најде сили за да му побегне на Роси кој ја виде неговата
немоќ и во деветиот круг успеа да го престигне.
Откако изби на чело Роси почна да го засилува темпото
полека одлепувајќи се од Педроса. Круг по круг предноста почна да расте за на
крај трката да заврши со триумф на Роси. Ова е прва победа на „Dottore” со гумите
на Bridgestone, а истите му помогнаа и да го собори рекордот на
патеката. Имено во 18. круг Роси ја сврте патеката во Шангај за 1:59.273, резултат
кој дополнително ја круниса големата победа.
Трката за Големата награда на Кина има подеднакво големо
значење за Стоунер колку и за Роси. Шампионот по катастрофалните резултати во
претходните две трки, 6. во Португалија и 11. во Шпанија конечно се качи на
подиумот и покрај големото заостанување зад победникот.
Сепак, јунакот на денот беше 21. годишниот Хорхе Лоренцо
за кого во Кина се велеше дека својот роденден го прославил целосно на две
тркала. Овој епитет не е даден без причина. Лоренцо буквално од инвалидска
количка се качи на мотор и стартуваше на трка.
Никој не веруваше дека актуелниот светски шампион од
класата до 250 сс по несреќата во петокот кога го скрши глуждот ќе се качи во
седло и ќе ја заврши трката како четвртопласиран. Ова е најслаб и најголем резултат
за Лоренцо годинава кој победи на минатата трка во Португалија, а претходно во
Катар и во Шпанија ги освои второто, односно третото место.
„Ова е непојмлива трка за мене. По падот во петокот мислев
дека нема да можам да возам во овие услови, но не само што успеавме, туку
завршивме на четвртата позиција,” изјави Лоренцо на крајот од трката.
ГП Кина резултати:
1 Валентино Роси Fiat Yamaha Team
44:08.061
2 Дани Педроса Repsol Honda Team + 3.980
3 Кесји Стоунер Duvati Marlboro Team + 15.928
Генерален пласман возачи:
1 Дани Педроса 81
2 Хорхе Лоренцо 74
3 Валентино Роси 72
Генерален пласман конструктори:
1 Yamaha 90
2 Honda 81
3 Ducati 56
Генерален пласман тимови:
1 Fiat Yamaha Team 146
2 Repsol Honda Team 110
3 Ducati Marlboro Team 79
|