|
Четвртата трка од отворениот Шампионат на Источна Европа во мотокрос годинава се одржа на патеката Чиолпани во близина на главниот град на Романија, Букурешт.

На трката учествуваа 78 натреварувачи собрани од Македонија, Бугарија, Грција, Молдавија и домаќинот Романија поделени во 7 класи: МХ65, МХ85, МХ1, МХ2, МХ2 јуниор, МХ3 и МХ АТV.
Нашиот најголем адут оваа сезона, Гоце Томовски за прв пат имаше можност да настапи на патеката долга 1.650 метри која содржи повеќе сложени елементи. Вообичаено Томовски беше резервиран на квалификациите во сабота и ја освои шестата стартна позиција од 8 натпреварувачи во најсилната класа МХ1, односно во заедничката дивизија МХ1 и МХ2 стартуваше 13. од 21 натпреварувач.
На стартот од неделната прва трка Томовски се проби помеѓу првите десет во дивизијата и со константно зголемување на темпото, посебно во втората половина од трката заврши вкупно 5. и односно 3. во МХ1.
На стартот од втората трка, Томовски се снајде уште подобро и изби веднаш на 3. место во дивизијата. Се до половина на трката го држеше сигурното трето место во МХ1.
Меѓутоа во седмиот круг поради проблем со мотоциклот, му откажа менувачот, Томовски доживеа тежок пад со сериозни последици. Поради повеќето повреди на нашиот најдобар кросист му следи подолг период на рехабилитација.
И покрај падот Томовски во втората трка се палсираше на 5. место во дивизијата, а со вкупниот резултат го осовои 4. Место на овој натпревар со освоени 40 поени и се зацврсти на второто место во генералниот пласман во МХ1 со вкупно 102 поени.
Победник во оваа класа на својата патека беше домашниот возач Адриан Радуца кој со 176 поени е водечки во шампионатот.
Во останатите класи победија Томпа (Романија, МХ65), Иванов (Бугарија, МХ85), Тотев (Бугарија, МХ2), Шевкиев (Бугарија, МХ2 јуниор), Керемидас (Грција, МХ3) и Иримеску (Романија, МХ АТV).
Непланирано, Македонија на овој натпревар имаше и втор учесник. Имено, со резервниот мотоцикл на Томовски во класата МХ3 за аматери настапи Томислав Ѓоргиевски кој пред се беше дојден за техничка поддршка на Томовски.
Иако со многу помало искуство, Ѓоргиевски се прикажа во одлично издание. На тренингот го зазема 6. место, а во првата трка заврши како 4. Во втората трка сеуште во шок од падот на Томовски, тој се пласираше на 7. место и вкупно на трката заврши како 6. со 32 поени.
И покрај одличната организација од страна на клубот Топ Крос ТЦС, трката ја проследија само неколку стотина вљубеници во овој атрактивен спорт. Веројатно, на посетеноста многу влијаеше и фактот што натпреварот се поклопи со првомајските празници.
Следниот петти натпревар од отворениот Шампионат на Источна Европа ќе се одржи во Власотинце, Србија на 4 и 5 септември.
|