По четири години труд Водно, нашата најславна ридска патека,
засвети во полн сјај. Концентрација од 106 натпреварувачи од 9 држави. Тоа е
она што љубителите на спортот со години го чекаа на Водно.
На патеката конечно можеше да се види ергела од расни
тркачки автомобили како Opel и Vauxhall Vectra ST, BMW M3, Subaru Impreza, Honda
Civic Type R, Alfa Romeo 156…, како и два болида Coloni SN 01 и
Dalara F391.
Со систематска работа Водно се претвори во една од
најинтересните трки од FIA International Hill Climb Chalenge и од Шампионатот
на Централно Европската Зона, ЦЕЗ. Организаторот на трката клубот Castrol Primo
Racing во соработка со АМСМ изоде трнлив пат додека му ја врати славата на Водно.
Сега слободно може да се каже дека првата трка од Шампионатот
на Ридски патеки на Македонија и првата трка од календарот на FIA
IHCC за 2007 година плени. Годинава Водно се бодува и за Купот на FIA на Ридски
патеки и за новоформираниот Куп на Alpe Adria Valvoline за кој ќе се
борат возачите од подрачјето на поранешна Југославија. Сето ова ја прави трката
на Водно уште по примамлива.
Победничкиот пехар го освои Хернади Ласло од Унгарија
со BMW M3 и вкупно време од 3:59.75. Најдобро поединечно време постигна во
вториод обид 1:59.86. Иако победи, Ласло не ја извозе
најбрзо 3,5 километраската патеката
која годинава е малку скусена. Најбрз беше Фрањо Кунчер со Formula Coloni SN 01 и време
1:51.50 нов рекорд на Водно, но поради слабиот резултат во првото возење Кунчар
заврши четврти.
Миленикот на публиката Џорџ Балдунис со Ford
Escort Mk II Hobby меѓу силната конкуренција не стигна подалеку од 14
место. Сепак, со своето возење ја одушеви публиката. Неговиот најдобар резултат
е 2:05.79.
Од нашите возачи најбрз беше Александар Џорџевиќ со Renault
Clio, веднаш зад него заврши Никола Проданов со Honda Civic
Hobby кој беше вистинско изненадување. Следеа Слободан Трајковски, Стево
Костовски и Игор Стефановски. Секој од нив ја однесе победата во својата класа
во домашниот шампионат и ја почна сезоната со максимален број бодови.
Не беше се розово на Водно. Петар Лучиќ и Дејан Булатовиќ
од Црна Гора и двајцата со Honda Civic Type R беа
дисквалификувани за FIA IHCC, CEZ и Купот на Alpe Adria
Valvoline. Причината е немање совозачко седиште што се коси со
правилата.
Друго што не може да се премолчи е
затворањето на пристапниот пат од манастирот Св. Пантелејмон до Средно Водно.
Организаторот со ова се потрудил да им удоволи на градските власти за
зачувување на еколошката средина на Водно, но со тоа одврати голем број на
посетители да дојдат и да ја гледаат трката. Строгите мерки се приоритет за да
се зачува членството во FIA IHCC, но мора да се најде начин како да се реши пристапот за
гледачи. Сигурни сме дека навремено и постојано информирање преку јавните
гласила неколку седмици пред трка и организиран превоз што во определени
временски интервали ќе ги носи гледачите до местата предвидени за нив, ќе ја
зголемат бројката на посетители. Па нели Јавното сообраќајно претпријатие му
припаѓа на Град Скопје. Зошто тогаш не може нивните автобуси да не носат и
враќаат од трка?
Комплетните резултати од трката на Водно – Награда на
Град Скопје можете да ги снимите од http://sport.amsm.com.mk/news/test_news_2.html.
|