Хрватот Фрањо Кунчер е севкупен победник на ридската трка
на Водно, а од нашата најславна патека си заминува со нов рекорд подобар од
претходниот за повеќе од 4 секунди.
Трката мина со многубројни излетувања и инциденти кои го
развлекоа првото возење, но за среќа завршија без поголеми последици по
натпреварувачите и само еден повреден работник на обезбедувањето.
Поради проблеми на тренингот, на стартот од неделната трка
не се појавија нашиот Атанас Петрушевски и гостинката од Србија, Тијана Пешиќ.
Првото возење се покажа погубно за еден наш возач Никола Донев и дури четири
гостински натпреварувачи црногорците Мирко Вујачиќ, Стеван Бановиќ, Жељко Ивановиќ
и србинот Милутин Милиќ, додека второто возење не го заврши уште еден наш
натпреварувач Владимир Димушевски.
Позната како една од најубавите, најнепредвидливи и
технички тешки ридски патеки, Водно и годинава покажа дека не простува, а неискуството
го наплаќа скапо. Дури и искусните натпреварувачи како Унгарецот, Ласло Хернади
кому ова не му е прв атак на Водно се сретна со проблеми кога неговиот BMW
M3 лизна пред целта. Хернади успеа да го „фати”, но загуби драгоцени секунди
поради што на крај беше десети.
Но, доста за проблемите. Носителот на минатогодишниот
рекорд на Водно дојде подгтовен за да го собори најавувајќи ги своите аспирации
уште на прес конференцијата одржана пред трка. Со подобар болид, кој ги прележал
детските болести и со напорни тренинзи самоувереноста на Кунчер беше оправдана.
Неговиот атак на рекордот на скратената патека на Водно, која
од лани е покуса за 300 метри, почна уште за време на првиот неофицијалниот
тренинг во сабота. Веднаш по првото возење постоечките 1:51.50 се
претворија во 1:49.01. Според правилата на FIA
официјалниот рекорд на една патека се поставува за време на трка, а не на
тренинг, што значи дека во саботата и покрај подобриот резултат за 2.49 секунди
минатогодишното најдобро остварување остана. Второто возење го спушти времето
на 1:48.32 кое стоеше како ветување за она што е треба да се случи на
неделната трка.
Тука Кунчер брилиираше минувајќи ја патеката за 1:47.36 во првото
возење и 1:47.04 во второто возење што значи дека рекордот на Водно во
неделата падна два пати. Збирот од двете возење - уште едно рекордно време - по завршување на трката даде
резултат што го промовираше Кунчер во севкупен победник на Водно 2008 – Награда
на Град Скопје.
Второто место го освои Црногорецот, Милош Асановиќ во
Група ST зад воланот на Honda Accord кој по двете
возења направи резултат за околу 3 секунди послаб од оној на Кунчер. Асановиќ
го победи својот сонародник Данко Бакрач кој зад воланот на Opel
Vectra ST за малку не успеа да го достигне неговото време. Бакрач
на тренингот постигна подобри времиња од Асановиќ, но набљудувачот од FIA забележа
дека Бакрач ги загрева своите гуми, што е спротивно на правилникот на ридската
трка на Водно. Резултатот на Бакрач од второто возење на тренингот беше
избришан, сепак тој не беше дисквалификуван и му беше дозволено да вози на трка
во која загуби од Асановиќ.
Европскиот шампион на ридски патеки Словакот, Петер
Јурена и неговиот Mitsubishi Lancer Evo IX ја заврши трката на
четвртата позиција со заостанување од 21.14 секунди зад победникот.
Предвидувањата на Кунчер пред почетокот на тркачкиот викенд дека автомобилот на
Јурена, сепак не е вистинската машина за атак на Водно и дека на суво погонот
на четири тркала претставува хендикеп се остварија.
Од нашите возачи патеката најбрзо ја извозе Никола
Порданов со Honda Civic освојувајќи го 13.
место во генерален пласман. Веднаш зад него се пласираа Сашо Андреевски со Ford
Sierra Cosworth и Благоја Димитровски со VW Golf I.
Во домашниот шампионат на ридски патеки во најслабата
класа до 1.150 сс Група А победничкиот пехар го освои Александар Тодоровски
победувајќи го за влакно второпласираниот Бранко Кипровски и исто така
третопласираниот Виктор Давидовски.
Борбата меѓу првите тројца беше неверојатно изедначена.
Разликата меѓу нив не се мереше во секунди туку во стоти делови од секундата. Тодоровски,
Кипровски и Давидовски постигнаа вкупно време од 4 минути и 38 секунди,
разликата ја направија стотинките + 30 за Кипровски и + 52 за Давидовски.
Односно збирниот резултат од двете возења на победникот Тодоровски изнесуваше 4:38.03, Кипровски
оствари време од 4:38.33, a Давидовски 4:38.56.
Убедлива победа на Игор Стефановски во помоќната Група N до 1.400
сс. Стефановски зад воланот на Peugeot 106 Rally и во двете возења
имаше одлични времиња завршувајќи ја трката со вкупно време од 4:28.22 резултат
подобар за 8.77 секунди од оној на второпласираниот Марио Велковски.
Нашиот најбрз возач на Водно, Никола Порданов со својата Honda
Civic победи во Група Hobby, остваруваји подобро време од неговиот најголем
конкурент Благоја Димитровски. Понатаму во своите класи победите ги однесоа
Дејан Георгиевски со Opel Astra, кој возеше сам во својата класа,
Ѓорѓи Данилов со Honda Civic Type-R и Сашо Андреевски.
Втората трка од шампионатот на ридски патеки на Македонија
се вози на 15 јуни на Пониква. Тука превеземете ги комплетните резултати од Водно 2008 - Награда на Град Скопје.
|