|
Доколку помисливте дека нема повеќе инциденти помеѓу Хамилтон и Маса, погрешивте. По една трка пауза, повторно инцидент помеѓу двајцата возачи, а овој пат казна заработи Фелипе Маса.

По трката, Хамилтон го обвини својот колега од црвениот табор дека не оставил простор кај свиокот број 5 во 24 круг.
Хамилтон откако го замени предното крило поради оштетувања од инцидентот, падна на седмата позиција, а на крајот и така заврши. По трката, Британецот се пожали на однесувањето на Бразилецот и му се извини на својот тим поради неможност да стигне до повисок пласман.
„Немам што друго да кажам освен дека сум разочаран. Тимот работеше напорно на болидот како и секогаш, но на крајот не успеавме,“ - беа првите зборови на Хамилтон по трката. „Имавме едноминутно молчење пред стартот на трката и бидејќи подолго време немав разговарано со Фелипе, ја ставив мојата рака на неговото рамо и му посакав среќа на денешната трка.“
„Но во продолжение, се обидов да го претекнам, а тој не остави доволно простор и се судривме. Им се извинувам на момците во гаражата и на сите во тимот поради денешниот лош резултат.“
Запрашан дали болидот беше оштетен по сударот, Хамилтон одговори: „Имав вибрации во предниот дел од болидот, а во десните свиоци чувствував како подот ја гребе подлогата. Но по менувањето на предното крило болидот си беше сосема во ред. Можеби било само до мене, бидејќи во продолжение немав никакви проблеми со подот.“
Превземено од: pitstop.com.mk!
|