Get Adobe Flash player
Хамилтон стартува со победа
16.03.2008
luis-hamilton-avstralija-20.jpgСовршен старт на сезоната за Хамилтон и неговата нова потера по, за влакно, изгубената шампионска титула лани. Ако по утрото денот се познава, тогаш годинава треба да биде успешна за него.

Хамилтон, во со акција набиената прва трка од сезоната, стартуваше, возеше и победи во стил на голем возач. Едноставно беше класа за себе и не дозволи во потерата по петата гранпри победа во својата кариера да му попречат ниту проблемите во текот на трката кои предизвика дури три пати Safety Car да излезе на патека.

Еден ваков развој на настаните беше очекуван, бидејќи ГП Австралија е првата трка од стартот од така наречената „ера без launch control”. Проблемите почнаа на старт кога дури пет возачи беа исфрлени од игра, по што, на патеката излезе Safety Car. Во мешаницата настрадаа Марк Вебер - Red Bulll, Џенсон Батон - Honda, Ентони Дејвидсон - Super Aguri, Себастијан Ветел Toro Rosso и Џанкарло Физикела - Forca India.

Втор пат Safety Car излезе на патека во 27. круг кога во сударот со Маса настрада болидот на Култард и трет пат поради страшнoто излетување на Тимо Глок кој по отсуство од Формула 1 до четири години успеа да го катапултира болидот на Toyota во воздух. За среќа акробацијата заврши без последици по него.    

И додека останатите возачи се сретнуваа со проблеми Хамилтон возеше доминантна трка, покажувајќи дека е извонредно брз, смирен и постојан, прецизен како часовник и не препуштајќи ништо на случај. Својата надмоќност ја покажа веднаш по летечкиот старт кога за само еден круг успеа да му побегне на Кубица за 1,5 секунди, зголемувајќи ја разликата на 3,7 секунди до шестиот круг и на 6,7 секунди до деветиот круг.

Но, Кубица и онака немаше среќа во оваа трка бидејќи прво имаше проблеми со претераното трошење на гумите, а подоцна го удри Казауки Накаџима оштетувајќи му го носот на болидот. Накаџима за оваа екскурзија доби казна и ќе стартува десет места поназад од освоената позиција на следната трка во Малезија.

Доминацијата на Хамилтон ги фрли во очај, пред се, конкурентите од Маранело кои имаа, најблаго речено, катастрофална трка и најверојатно ќе сакаат да ја заборават што побрзо. Прво поради проблеми со издржливоста на болидот, а потоа поради почетничките грешки на искусните возачи. Епилогот од катастрофалниот настап на Ferrari во Мелбурн е осмото место на Риконен и само еден освоен бод.

Секако проблемите на тимот на Ferrari ги искористија Ник Хајдфелд - BMW Sauber и Нико Розберг - Williams за кого, воедно, ова беше прв подиум во кариерата. Хајдфелд во негов стил возеше прилично постојано низ цела трка и заслужено го освои второто место, додека Розберг заврши трет.

Останатите позиции ги пополнија Алонсо, Ковалаинен, Накаџима, Бурдаи и Раиконен. Од 22 возачи само седуммина ја завршија трката, двајца Бурдаи и Раиконен не минаа низ целта, но им беа доделени бодови за седмо и осмо место и 13 се откажаа од кои повеќе од половина поради инциденти. Од седуммината што ја завршија трката еден беше дисквалификуван, Рубенс Барикело.

Барикело всушност ја заврши трката на шестата позиција, но подоцна беше дисквалификуван кога официјалните лица востановија дека бразилецот, откако стартуваше додека цревото за гориво сеуште беше закачено за болидот и притоа покоси седуммина механичари од кои, за среќа, ниту еден не е сериозно повреден, излегол на патека додека на семафорот светело црвено светло.

Поради неговата дисквалификација на Накаџима кој заостануваше 1 круг зад победникот му беше доделено шестото место со што ги освои првите бодови во неговата кариера во Формула 1.

Првата трка од сезоната прикажа дека воведените измени во техничките правила се на добар пат да ја сменат Формула 1 и да ја насочат во позитивен правец. Каде трките ќе изобилуваат со возбудувања, а публиката ќе има добра причина да потроши неколку сотини евра за билет на  патека или пак да мине неколку часа пред ТВ екраните.

Сепак, сеуште е рано да се донесуваат било какви заклучоци и лесно може да се случи трката во Мелбурн да биде исклучок. Како во поглед на атрактивноста, така и во поглед на распоредот на силите на теренот.

Следната трка е Големата награда на Малезија која се вози следниот викенд на 23 март.

ГП Австралија резултати;

Шампионат возачи;

Шампионат конструктори.

 

 

 

Facebook