|
По лошите настапи оваа сезона и многуте инциденти, конечно Хамилтон го здогледа „светлото на крајот од тунелот“ во Кореја. Второто место на подиумот според неговиот татко значи...

вистински пресврт за него, најавувајќи препороден Луис Хамилтон во 2012.
Според шпекулациите на англиските медиуми, лошата форма која што го зафати шампионот од 2008 се должи на раскинувањето со неговата долгогодишна девојка, Никол Шерцингер. Таквата ситуација во неговиот приватен живот го доближила поблиску со неговиот татко, Ентони Хамилтон, кој по подолго време дава изјава поврзана со неговиот син. Според Хамилтон Сениор, трката во Кореја покрај пресвртот во неговата Ф1 кариера на позитивна страна, значи и пресврт на приватен план.
„Тој заврте нов лист, не само во неговата кариера, туку и во приватниот живот,“ - најавува Ентони Хамилтон. „Вие досега го гледавте младиот Хамилтон, бидејќи сеуште не сте го виделе новиот Луис Хамилтон.“
Иако забележа две победи оваа сезона и успеа да ја прекине серијата на Red Bull во освојувањето на пол позициите, што и не е така лош биланс на хартија, многубројните инциденти фрлаат дамка на постигнатите резултати. Како и да е, неговиот татко верува дека лошата сезона ќе биде брзо заборавена од негова страна.
„Луис е неверојатно талентирана личност и тоа самите го видовте. Повеќето од нас не би успеале да се вратат по толку лоши настапи оваа сезона, но тој успеа во тоа во Кореја. Минатиот викенд тој покажа дека е голем шампион, не само како Ф1 возач, туку и како личност пред се.“
„Да, тој имаше многу тешка и разочарувачка сезона и се соочи со многубројни критики, но успеа да ги издржи сите и да се врати на голема врата. Тој може и во преостанатиот дел од сезоната да го повтори она што го направи во Кореја бидејќи е голем човек кој секого може да го инспирира.“ - заврши неговиот татко.
Превземено од: pitstop.com.mk!
|