Возачите на BMW ги освоија првите
две места на трката за Голема награда на Канада, откако Луис Хамилтон кој
стартуваше од полпозиција направи почетничка грешка во питстоп.
Водечкиот во шампионатот за возачи не го виде црвеното
светло на излезот од питстоп и се заби во болидот на својот главен ривал Кими
Раиконен со што стави крај на своите, но и на неговите шанси за победа во
трката.
Ваквата ситуација ја искористија Роберт Кубица и Ник
Хајдфелд и му ја донесоа славата на BMW. Победникот Кубица беше
толку полн со својот успех, посебно откако застана на врвот од шампионатот за
возачи, што најави атак на возачката титула годинава. Меѓутоа прашање е колку
неговите желби се реалност. Можеби Полјакот и ќе ја освои титулата доколку
останатите продолжат да губат на евтини финти.
„Доколку само по седум трки сте лидер во шампионатот и
освен во Австралија, најлошиот финиш е четврто место, тогаш сигурно ќе сакате
да ја искористите пружената шанса,” го објаснува Кубица својот смел план и
додава. „Доколку сте лидер по седум трки јасно е дека имате болид што може да
победува, а доколку имате врвен болид тогаш имате и врвен тим.”
Кубица кој во саботата ја освои втората стартна позиција
беше на добар пат да прикаже извонредни перформанси во Монтреал. Единствена пречка
на патот беше Хамилтон кој очигледно имаше подобар болид.
Сепак, работите излегоа добро за него, а трката беше свртена
наопаку во однос на минатогодишната кога Хамилтон ја освои својата прва победа
во Формула 1, а Кубица излета завршувајќи во болница среќен што мина само со
мали повреди.
Хамилтон ја загуби лидерската позиција кога се заби во
болидот на Раиконен уништувајќи ги и неговите шанси, но и своите бидејќи поради
инцидентот е казнет и на следната трка во Мањи Кур ќе стартува десет поцизии
поназад од позицијата што ќе ја освои на квалификации.
Англиченцот водеше се до 18 круг кога одлучи да застане
во питстоп заедно со уште шест водечки пилоти. Меѓу нив и Раиконен и Кубица.
Но, тимовите на Раиконен и на Кубица работеа побзо и тие порано го напуштија
боксот. Сепак, и двајцата застанаа на излезот од питстоп бидејќи беше запалено
црвено светло. Тие го видоа светлото, но очигледно Хамилтон не, односно го виде
премногу доцна за да не се забие во болидот на Раиконен. Кубица кој стоеше
малку подесно се спаси.
„Доколку возам со 300 km/h и удрам во
некого тоа е природно, но доколку се наоѓаш во питстоп каде постои ограничување
на брзината и два болиди пред тебе застанеле, а ти удриш во нив, тогаш тоа е
глупост. Го видов црвеното светло и застанав, но очигледно некој одлучи да не
застане,” изјави лутиот Раиконен.
Хамилтон немаше одговор на нападите, ниту пак имаше
објаснување што всушност се случило. „Јасно е дека не сум среќен за тоа што се
случи и можат да зборуваат што сакаат, но јас ќе се вратам посилен,” беше
неговиот заклучок.
„Го видов црвеното светло, но доцна. Според мене тоа не е
инцидент туку несреќа,” додаде за крај Хамилтон.

ГП Канада резултати
Шампионат возачи
Шампионат конструктори
|