Третата трка од сезоната полека почнува да го прикажува
распоредот на силите на терен. Ferrari се закити со двојна
победа, a BMW сосем неочекувано е на врвот во
генерален пласман.
Со победата во Бахреин, Маса конечно ги разби
шпекулациите дека сепак не му припаѓа на победничкиот ков. Со совршен старт и
беспрекорно возење во текот на целата трка Бразилецот заслужено стигна до
втората едно по друго победа во Бахреин и му одржа лекција на својот тимски
другар Раиконен.
Светскиот шампион се обиде да го притисне својот тимски
другар, но на крај се откажа од обидите бидејќи едноставно не најде доволно
брзина за да му се спротивстави на Маса и на крај мораше да се задоволи со
второто место. Не залудно бидејќи освоените 8 бода го промовираа во лидер во
генерален пласман.
Едно од поголемите изненадувања беше полпозицијата на
Кубица. Успешен во квалификации со својот BMW Sauber, но несигурен
во трка. По гасењето на црвеното светло на семафорот Кубица како да стартуваше
со задршка и како да беше изненаден од совршениот старт на Маса по што веднаш ја загуби
водечката позиција. И покрај ова мало поткашлување Кубица ја заврши трката на
трето место освојувајќи доволно бодови за неговиот тим да се искачи на врв во
шампионатот за конструктори. Прво вакво водство на BMW Sauber во кусата
историја на тимот. Патем ова е втор подиум за Кубица годинава.
Неговиот тимски другар Хајдфелд ја заврши трката зад него
на четвртото место. Интересно е што во завршницата од трката кога возачите на Ferrari попуштија
поради зачувување на водството, Кубица и Хајдфелд продолжија да форсираат
прикажувајќи ја моќта на BMW со поставување на повеќе најдобри времиња.
Водечкиот во генерален пласман по првите две трки Луис
Хамилтон имаше лош викенд. Во петокот излета од патеката и го уништи својот
болид. Среќа заврши без последици, а на старт толку се сплетка што болидот
за малку ќе изгасеше и се најде на 10. позиција. Неговиот деструктивен тркачки
викенд продолжи еден круг подоцна кога се залета и му се паркираше на Алонсо во
багажник на излезот од свијокот 3 оштетувајќи го носот на својот болид. Поради
оваа екскурзија мораше да замине во бокс по што загуби околу 1 минута во однос
на водечкиот Маса, а до крајот на трката заостана цел круг завршувајќи
тринаесети. Уште една потврда за несреќниот викенд на Хамилтон.
Инцидентот меѓу Хамилтон и Алонсо предизвика реакции
бидејќи болидот на Шпанецот како да се затетерави по излезот од свијокот и
ситуацијата личеше дека Алонсо намерно малку одземал гас колку за да му се
освети на својот поранешен тимски другар. Сепак, по крајот на трката увидот во
телеметријата на Алонсо докажа дека немало вакви возачки егзибиции од негова
страна и покрај фрустрациите што ги носи со себе поради инфериорноста во однос
на водечките.
Името на McLaren го обели Хеики Ковалаинен кој успеа да заврши на петата
позиција, но со дури 26,7 секунди зад победникот Маса. Ова не е добро за McLaren, бидејќи
болидите на BMW Sauber заостануваа 4,9
односно 8,4 секунди зад крајниот резултат на Маса што ги става далеку понапред.
Вистинско изненадување следеше по крајот на трката кога
Хамилтон му се извини на Алонсо и на својот тим и ја призна грешката за
инцидентот. Акт што уште еднаш ја потврди неговата возачка и човечка големина.
ГП Бахреин резултати
Шампионат возачи
Шампионат конструктори
|