Календарот на Формула 1 ќе се прошири на 20 трки и тоа набрзо, најверојатно уште следната сезона. Ваков заклучок се донесе на
состанокот на шефовите на тимови што се одржа во Бахреин.
Во моментов календарот има 18 трки, но Абу Даби веќе се
подготвува за да ја здоми својата прва трка во Формула 1 следната година, а
Јужна Кореа во 2010. Но, со своите претензии за да бидат домаќини на трка во
Формула 1 се и Индија, Русија, Дубаи и Катар. Сепак, заклучокот на шефовите на
тимови во Формула 1 е дека некаде треба да се повлече граница.
„Моето цврсто верување е дека сезоната треба да се
прошири, но не повеќе од 20 гранприја,” го изрази својот став на состанокот Рон
Денис.
„Дваесет е вистинскиот број,” изјави шефот на Honda,
Ник Фрај и дополнува: „Формула 1 треба да оди онаму каде што потенцијалот на
пазарот е голем, но мора да се прави баланс меѓу традиционалните патеки во
Европа и новите држави и континенти. Ова е од витално значење.”
Неговиот колега од Red Bull, Кристијан
Хорнер исто така ја поддржува иницијативата: „Дваесет е
голем број, но е разумен број,” и додава: „Тоа е
голем логистички предизвик, но на начинот на кој соработуваат тимовите во
саморегулирање на тестирањето, сепак е возможно.”
Иако среќен поради проширувањето на Формула 1, Рон Денис
исто така е и загрижен бидејќи проширувањето ќе оди на сметка на паузата преку
зима која според него не само што е важна заради логистички подготовки туки и
за да се предизвика чувство на нетрпеливост и очекување во срцето и умот на
фановите.
|