Луис Хамилтон е првиот англичанец што победил во Монако
од 1969 до сега. Победата, шеста по ред во неговата кариера, го врати на врвот
во шампионатот за возачи.
И бидејќи до сега водечкиот Раиконен заврши на деветата
позиција и не освои ниту еден бод, Хамилтон води во генерален пласман за возачи
со три поени пред него.
Победа во Монте Карло е нешто свето за секој возач во
Формула 1, а ретки се тие што успеале да слават на престижната трка. Хамилтон
во 23 трки освои 6 победи и секоја од нив има големо значање за него, но една
се издвојува. Победата на Големата Награда на Монако.
Колку му значи оваа победа, Хамилтон покажа на
церемонијата на доделување на пехарите кога пролеа неколку солзи додека во
рака го држеше среберениот пехар на кого се изгравирани најзначајните зборови
во светот на Формула 1 „Monaco Grand Prix winner”.
Од сега па натаму вратите за Хамилтон се ширум отворени,
тој е дел од алеата на великани на Формула 1, а успехот на улиците на Монте
Карло е само поттик за уште поголеми достигнувања. Уште повеќе
ако се земат предвид условите во кои англичанецот го
прослави своето возачко умеење.
Иако годинава болидите се многу посурови, односно бараат
поголема инволвираност на возачот Хамилтон покажа дека е достоен да го носи
епитетот еден од најдобрите возачи на денешницата. Не затоа што не направи ниту
една грешка на поплавената патеку, туку затоа што најбрзо успеа да се совземе и
да се врати во игра.
Грешката на почеток кога мислеше дека со болидот може да вози
како со кајак по диви води и се заби во оградата оштетувајќи ја задната десна гума е доказ
дека искуството сеуште треба да се стекнува. Но, тоа Хамилтон не го негира.
Признава, учи и гази понатаму обидувајќи се да извлече најмногу од своите
грешки. Тука егото како да е исклучено. Нормално на сето ова се надоврзува и
малку среќа.
И покрај тоа што заврши со дупната гума уште во старт успеа
да извлече најмногу откако Safety Car се појави на
патеката. Неговиот тим не само што ја смени гумата туку и го наполни
резервоарот до врв поради што Хамилтон можеше да го одолговлекува влегувањето
во бокс и менувањето на гумите од
интермедиа во гуми за суво се додека не се појави совршен момент за тоа.
Несомнено стратегијата беше совршена и Ferrari
беше победен со сопственото оружје, а атакот го предводеше Хамилтон. Трката
заврши поради правилото за времетраење од 2 часа доколку во тој период не се
извозат предвидениот број на кругови. Ова правило го спаси Хамилтон кому во
последниот круг му се дупна гума. Доколку трката продолжеше и се возеше
оригиналната должина најверојатно Хамилтон ќе изгубеше од второпласираниот
Кубица.
Возачот на BMW Sauber, Кубица покажа
дека е сила на која треба да се смета во иднина. Го победи Маса во неговата игра
и повторно се качи на победничкиот пиедестал трет пат годинава
Маса беше сведок на проклетството на Ferrari. Тимот од
Маранело никогаш не победил на Големата
награда на Монако кога ја имал полпозицијата. Маса одличен на тренингот и на
квалификациите, доминираше и во првиот дел од трката, но како патеката почна
да се суши така тој се мачеше со своите интермедиа гуми. Ја загуби позицијата од
Хамилтон, па од Кубица кога Полјакот прејде на гуми за суво и на крај мораше да
се задоволи со третата позиција.
Следната трка е Големата награда на Канада која се вози
во Монтреал на 8 јуни.
ГП Монако резултати
Шампионат возачи
Шампионат конструктори
|