Get Adobe Flash player
Луис Хамилтон пишува историја
03.11.2008
mclaren-slavi-titula-1.jpgСо возраст од само 23 години Луис Хамилтон е шампион во Формула 1 и што е уште поважно тој е најмладиот возач кој ја освоил шампионската титула во историјата на Формула 1.

За Хамилтон освојувањето на шампионската титула е победа над пеховите и остварување на сонот што го следи од минатата сезона кога го загуби шампионскиот пехар на последната трка.

Картите и годинава се наредија така што за исходот во возачкиот шампионат одлучуваше последната трка од сезоната. И повторно неизвесност до крај која можеше да заврши погубно за Хамилтон, но среќата сега му се насмеа.

Без оглед што Фелипе Маса одвози одлична сезона. Победи повеќе пати од Хамилтон и на последната трка направи се како што треба, возеше одлично и на квалификациите и во трка, не ги испушти конците од рака ниту во еден момент и заврши на победничкиот пиедестал.

Во моментите кога Маса минуваше низ целта на патеката Интерлагос, всушност беше светски шампион. Неговата победа се оствари, а петото место на Хамилтон кое низ целата трка висеше на конец пропадна. И тоа од Себеастијан Фетел.

Но, ништо не е завршено додека не свирне судиското свирче, простете за фудбалската терминологија. Без оглед што Хамилтон на патека загуби во директен дуел со Фетел, ситуација која нема да ја коментираме затоа што не заслужува коментар, ова се однесува на Хамилтон, сепак англичанецот на петстотини метри пред целта го престигна Тимо Глок и дојде до посакуваното петто место. Место кое му донесе титула.

Замре радоста на Маса, кој мораше да голтне голема кнедла од еден ваков исход, но на крај, сепак, машки да му ја честиташе титулата на Хамилтон.

Клучната улога за исходот на годинешниот шампион на драматичната трка на Интерлагос несомнено одиграа токму Себастијан Фетел и Тимо Глок. Прво Фетел го престигна Хамилтон, а потоа пред целта се чинеше дека Глок намерно го пропушти. Дури и би се законале дека така се случи.

Без исклучок тоа е првата помисла на милони љубители на Формула 1 ширум светот. Каква срамота за кралицата на мотоспортот се најчестите коментари. Ако во Формула 1 може да има вакви очигледни местенки што останува за останатите шампионати. Но, барем до сега, искуствата велат дека секој заклучок донесен на брзина најчесто е и погрешен.

Нашиот народ има една поговорка која вели „ако коза лаже, рог не лаже”. Односно секој заклучок пред да биде донесен треба да се провери. Кога е во прашање Формула 1 или било која друга дисциплина од мотоспортот тоа најлесно се прави со бројки. Математиката е егзактна наука и тука нема лага.

Значи да ги видиме времињата на Хамилтон и Глок во решавачките моменти од трката од што може да произлезе финалниот заклучок дали она што се случуваше во последните метри од трката е лега - метенка или не.

Во претпоследниот круг на Интерлагос Глок остварува време од 1:28.041. Хамилтон истиот круг го свртува за 1:25.567. Глок тука има предност од десетина секунди. Кога дождот почнува да лие, а Глок е единствен од водечката петорка со гуми за суво работите драстично се менуваат.

Времето со кое Глок го вози последниот круг изнесува 1:44.731, а Хамилтон иако малку поспор од претходниот круг сепак, успева оствари време од 1:26.126. Предност од преку 18 секунди по круг. Нормално ваквото успорување на Глок наведува дека тој намерно возел полека цел круг со цел да го пропушти Хамилтон.

Но, доказот дали е ова вистината, всушност не се крие кај Глок, туку кај неговиот тимски другар Јарно Трули. Тој исто така на патеката останува со гуми за суво, ова е одлука на тимот на Toyota, и во последниот круг остварува време од 1:44.800, многу слично на  времето на Глок.

Е сега, доколку сето оваа шема за помош на Хамилтон била направена на ниво на тим, тогаш капата доле за мајсторите. Но, ова веќе поприма примеси на светски што е далеку од реално.

Како и да е ова беше еден драматичен крај на сезоната во која Маса подеднакво заслужи да биде светски шампион. Единствена утеха тука е конструкторската титула на Ferrari.

 

 

 

 

Facebook