Милијардерот од Мексико, Карлос Слим Хелу, го купи тимот на
Honda во Формула 1 откако јапонскиот производител објави дека
се повлекува од спортот поради глобалната економска криза.
Веста за купувањето на Ф1 тимот на Honda за миг го
обиколи светот и се најде на насловните страни на многу медиуми.
Нема прецизна информација колку ова задоволство го чинело
мексиканскиот милијардер Слим. Претпоставките се дека цената и покрај се не била
баснословна, напротив.
Некои извори шпекулираат дека Слим наводно платил само 1
долар за тимот на Honda. Имено понудата намерно била толку ниска колку за
да привлече инвеститор кој ќе обезбеди опстанок на тимот.
Honda би требало да продолжи да му асистира на новиот тим со
комплетна техничка поддршка и ограничена финансиска поддршка, а Слим е обврзан
да го води тимот во следните три сезони.
Извесно е дека во 2009 во болидите ќе седат Џенсон Батон
и Бруно Сена, внук на големиот Аиртон Сена, кој во тимот ќе го замени својот
сонародник Рубенс Барикело.
Слим објави дека спонзор на Бруно Сена во неговиот поход
во Формула 1 ќе биде компанијата Embratel, дел од
групацијата Telmex.
Спонзорството се поврзува со сопственоста на Карлос Слим
Хелу на групацијата Grupo Carso, телекомуникациските гурпации Telmex
и America Movil и финансиската групација Inbursa.
Магазинот Forbes во март 2008
објави дека Карлос Слим e вториот најбогат човек на планетата. Оттука станува јасно
дека финансисрањето на еден тим во Формула 1 не е некаков проблем за
мексиканскиот магнат.
Воедно експертите велат дека не е случајно што Слим
влегува во Формула 1, бидејќи очекувањата се дека рекламата во најголемиот
циркус на планетата во следните три години ќе му донесе многу повеќе.
|