Глобалната економска криза како да не важи за Ferrari.
Италијанскиот производител успеа да најде нов голем спонзор за финансирање на
неговиот тим во Формула 1.
Се работи за индиската Tata која
потпиша договор да биде спонзор на тимот во 2009. Информацијата ја објави Лука
ди Монтеземоло. „Првпат логото на една марка од Индија ќе се појави на болидот
на Ferrari,” изјави Монтеземоло. „Ова е историски момент,” заклучи
тој.
Tata првпат влезе во светот на Формула 1 како компанија која
застана зад возачот Нарајан Картикејан подржувајќи ја неговата кариера прво во
тимот на Jordan во 2005, а
потоа во Williams.
Врската со Ferrari не е случајна.
Сопственикот на Tata, Ратан Тата, на предлог на семејството Ањели кое има
удел од 30% акции во Fiat, му се придружи на бордот на директори на Fiat во
2006. Од тогаш Fiat и Tata се врзани со договор за испорака на мотори.
Оваа зделка му овоможи на Fiat да го
зголеми својот удел во Ferrari купувајќи 85% од акциите што се случи во време кога
Ратан Тата му се придружи на бордот на директори.
Плус Fiat успеа да постигне договор со арапската компанија Mubadala
Development во кој стои дека во случај на потреба Fiat во секое
време може од нив да ги откупи дополнителните 5% од акциите на Ferrari.
Спонзорството на Тata на Ф1
тимот на Ferrari се гледа како добар деловен потег. Врзувањето со
индискиот производител ќе му овоможи на Ferrari дополнително
да ја зголеми продажбата на тамошниот пазар.
Побарувачката за автомобилите од Маранело во Индија расте
постојано, а врската со домашниот гигант треба да делува како потстрек за
потенцијалните купувачи.
|