Тужбата на McLaren за „ладното
гориво” беше одбиена од страна на судот на FIA и беше
потврдено дека Кими Раиконен е официјално светски шампион во Формула 1 во 2007.
Комисијата на FIA од четири члена се
состана во Лондон во четвртокот, а во петокот во Париз ги разгледа доказите и
го даде својот суд.
McLaren се жалеше против одлуката на судиите да не ги казнат
четирите болиди кај кои беше пронајдено поладно гориво на последната трка во
Бразил.
Доколку овие четири болиди, односно нивните возачи, беа
дисквалификувани и останатите возачи автоматски ги добиеја нивните позиции
тогаш возачот на McLaren, Луис Хамилтон ќе станеше светски шампион.
Судот на FIA во врска со жалбата ја даде следнава изјава: „Откако ги
слушнавме објаснувањата на двете страни и откако ги прегледавме сите документи
и останатите докази, судот одлучи да ја одбие жалбата на McLaren како
неоснована.”
Комплетниот текст од пресудата сеуште не е достапен за
јавноста, но Williams се погрижи да даде изјава во која меѓудругото вели дека
во McLaren „не ја испочитувале процедурата до крај при
доставувањето на жалбата.”
Јасно е дека во McLaren се разочарани од
пресудата, но незапазувањето на процедурата од страна на еден искусен тим
кажува нешто друго.
Имено Рон Денис во името на тимот му се извини на
Хамилтон поради проблемите со болидот што го снајдоа на последната трка од
сезоната, префрлајќи ја вината на тимот за изгубената титула.
Една ваква постапка има голем психолошки ефект за да
подгревање на моралот кај Хамилтон за претстојната сезона.
Токму поради тоа мораа да најдат начин да се искупат пред
младиот возач на кого титулата, која дефинитивно ја заслужуваше, му избега пред
нос. Малку по негова вина, малку по вина на тимот.
Искупувањето беше обжалување на одлуката на судиите на
трката, за ладното гориво во болидите на Williams и на BMW
Sauber. Секако, во McLaren знаеја дека, доколку и добијат на суд тоа ќе беше уште
една црна точка на тимот годинава. Срамот ќе беше голем доколку се освоеше
титулата на таков начин, бидејќи Формула 1 е пред се витешки спорт.
Тимот се најде во една пат позиција, угоре високо – удолу
длабоко. Од една страна беа свесни за последиците што ги носи една ваква жалба,
а од друга страна пак мораа да се искупат за своите грешки пред миленикот на тимот.
Затоа некој во Вокинг се сетил. Ќе ја обжалиме одлуката
на судиите од Интерлагос за да испаднеме прави пред Хамилтон, а патем ќе ги
„превидиме” процедурите за жалба и истата ќе биде одбиена.
И волкот сит и овците на број.
Можеби сето ова има призвук на некаков светски заговор,
но познати се игрите на стариот лисец Рон Денис кој со своето тактизирање дури
успеа да го минимизира ударот што можеше да го претрпи неговиот тим од годинешнава
шпијунска сага.
Браво за Денис и честитки за Раиконен кој својата прва
сезона во тимот на Ferrari ja круниса со шампионска титула.
|