|
Лука ди Монтеземоло по многу наврати во минатото повторно се закани дека Ferrari ќе се повлече од спортот доколку FIA не превземе драстични промени во измена на правилата, кои не им одговараат...

на Италијанците. На таквата последна закана, Витмарш јавно се „изнасмеа“, додавајќи дека тимот од Маранело никогаш нема да ја напушти Ф1.
По неколкуте претходни закани од Монтеземоло, Еклстоун го опиша претседателот на Ferrari како „куче што лае, но не каса“. Овој пат, омаловажување на последната закана на Италијанецот пристигна од тимскиот шеф на McLaren, кој не верува дека Ferrari некогаш ќе се повлече од спортот.
„Во овој спорт сум речиси дваесет години и таквите закани сум ги слушнал безброј пати,“ - изјави Витмарш. „Искрено, не верувам дека Ferrari би се повлекол од спортот. Можеби грешам, но тоа е моето мислење.“
„Доколку некој сака да се обложи со мене кои два тима би биле дел од Ф1 за десет години, тогаш јас би ја ставил целата моја пензија на Ferrari и McLaren.“
Според Британецот, заканите на тимот од Маранело доаѓаат од пасијата и фрустрацијата која што ја имаат поради неможноста да стигнат до шампионската титула во последните три сезони. За крај, тимскиот шеф на McLaren додаде дека неговиот тим никогаш не би се заканил како нивниот вечен ривал.
„Мислам дека ние би се однесувале поразлично од нив, бидејќи напуштање на Ф1 не би ни било од полза. Ако забележуваме лоши резултати, тоа е мотивација повеќе за нас да се вратиме на врвот.“ - заврши Мартин Витмарш.
Превземено од: pitstop.com.mk!
|