|
10.03.2008 |
Познат и како автомобилот што го постави светот на
тркала, Ford Model T годинава слави еден голем јубилеј 100
години откако првиот модел ги напушти производните хали на Ford.
За соодветно да ја одбележи годишницата на својот исконски
модел Ford годинава планира серија од настани чија цел е да го
потсетат светот на првиот големосериски автомобил во историјата.
Ford Model T претставува своевидна револуција во
автомобилската индустрија бидејќи е првиот масовно произведуван автомобил со
стандардизирани делови кој се продавал по ниска цена и бил лесно достапен до
широките народни маси.
Податоците во Ford велат дека првиот Model
T наменет за комерцијална продажба ги напуштил поризводните ленти точно на 1
октомври 1908. Кога сме кај производните ленти тие во Ford, на начин
кој ни е познат денес, всушност почнале да функционираат дури во 1913. На Хенри
Форд му биле потребни цели пет години додека своите идеи за масовно
производство ги имплементира во стварност.
Првиот Model T имал четирицилиндричен бензински мотор кој остварувал 20
коњски сили доволни за максимална брзина од 72 km/h, тежел 544
килограми и имал потрошувачка меѓу 11 и 18 литри на 100 изминати километри.
Производството конечно запира на 26 мај 1927 со продукција
од повеќе од 15 милиони автомобили за период од безмалку 19 години.
|