Браќата Луис и Марсел Рено пред 110 години основаа фирма
која опстанува повеќе од еден век и е еден од најпопуларните производители на
автомобили на светот.
Фирмата била основана во 1898 под името Renault
Freres или во превод Браќата Рено. Бизнисот нагло расте и се шири па така веќе во
1905, Renault има свое претставништво во Велика Британија, а две години
подоцна во 1907 е отворено и претставништвото во Германија еден од
најзначајните пазари во Европа.
Историски гледано текот на минатиот век претставува еден
вид раснење за Renault кое на два пати е пресечувано поради Првата и Втората
светска војна. Сепак, Renault успева да се одржи, а по завршувањето на Втората светска
војна државата инвестира во развој на нови модели на автомобили кои ќе
претставуваат основа на новата мобилна Франција.
Со финансиски инекции од страна на француските власти на Renault
не му треба многу време за да го претстави својот прв успешен по воен
модел. Во 1946 на пазарот се појавува автомобилот Renault 4CV кој со текот
на годините стана легенда не само поради продожниот успех туку и поради
достигнувањата во мотоспортот како што е освојувањето на фамозното Рели Монте
Карло.
Десет години подоцна, односно во 1956, Renault
уште еднаш погодува в среде комерцијализирајќи го прекрасниот Renault
Dauphine кој пленел со својот флуиден дизајн со мотор поставен одзади и заден
погон. Успесите продолжуваат да се нижат, следуваат моделите како Renault
3 и Renault 4 во 1961. Вториов сеуште можеме да го затекнеме како се
движи по улиците, а некои сочувани примероци се во зачудувачки добра состојба.
Фирмата продолжува да напредува и во 1965 на светската
јавност и е претставен моделот Renault 16.
По многу параметри ова е еден револуционерен модел. Renault
16 е автомобил од средната класа и е првиот хечбек на светот, каросериски
облик кој е задржан и е исклучително популарен и ден денес. Воедно нам ни е
близок бидејќи се склопуваше во погоните на Ревоз во Словенија и во тогашната
СФРЈ носеше епитет на автомобил од домашно производство.
Во шеесетите се појавува Renault 8 и успева
да ги мине бариерите на Железната завеса и да влезе во Источниот
блок. Прозиводството прво стартува во Бугарија, но набрзо Бугарите ја губат
битката со Романците. Па така Романија станува источна претстолнина на Renault за што сме
сведоци и ден денес. Моделот Renault 12 се произведува под името на Dacia и се
задржува во производство три децении.
Покрај извонредните продажни резултати Renault ниже
успеси и во спортот. Во 1971 спортскиот оддел го претставува извонредниот тркач Alpine
A110 кој ги освојува првите три места на Рели Монте
Карло. По него сеуште лудуваат колекционерите на класични автомобили.
1972 е претставен уште еден легендарен автомобил Renault
5. Со негова помош во 1980, Renault стана првиот европски производител кој успеал да
произведе повеќе од 2 милиони автомобили годишно.
Осумдесетите ќе останат запаметени по претставувањето на Espace кој се
појави на пaзарот во 1984, но и по големата криза што го зафати Renault
кога беа отпуштени илјадници работници во обид компанијата да се
преструктуира.
Зафатот се потврдува како успешен и Renault
веќе во 1987 почнува да бележи профит, а деведесетите се опишуваат како
еден вид ренесанса. Означувањето на моделите со бројки престанува и тие се
заменуваат со имиња. Тогаш на пазарот се појавува Clio и веднаш
станува Автомобил на годината во Европа.
Во 1992 се појавува уште еден интересeн модел,
малечкиот Twingo, а две години подоцна замената за Renault
21, успешната Laguna. По нејзе следуваат модели како Meganе и Scenic кој иста
така ги поставува основите за еден нов сегмент кон кого се приклучија и
останатите производители.
Со смената на генерациите се сменува и насоката во
развојот на автомобили. Renault зацртува нови смерници во безбедноста и неговите модели
се први што успеваат да освојат 5 ѕвезди на краш тестовите на независната
организација за проценка на безбедноста на автомобилите Euro
NCAP.
Со купувањето на Nissan, здружувањето
со корејскиот гигант Samsung и активирање на програмата Logan во Dacia, Renault полека го
освојува и глобалниот пазар, а водечкиот човек во компанијата, Карлос Гон се
стреми да го направи Renault сериозен глобален играч.
|