|
Преговори се водат меѓу челниците на алијансата на Renault – Nissan и на Daimler со цел формирање на нова алијанса која ќе ги вклучи трите марки кои гледаат заеднички интерес во тесна соработка.

Ова го вели британскиот Financiаl Times за кого двајца претставници од преговарачките тимови потврдиле дека планираат здружување на Renault и на Daimler кое ќе вроди и взаемно купување на одреден процент на акции.
Според најавите Renault и Daimler меѓусебно ќе купат по 10% од акциите, а причина е намалување на производните трошоци и создавање заеднички технолошки базен од кого ќе се црпат конструкциски елементи за производство на нови различни, но претежно малечки модели и на двете компании.
Едно вакво здружување за производство на мали автомобили пред се ќе му годи на Daimler бидејќи сака да произведува автомобили кои ќе бидат позиционирани под актуелната А Класа.
Од друга страна Renault својот профит го гледа во создавањето на големи луксузни седани што не му оди баш најдобро со оглед на мноштвото неуспешни обиди во минатото.
Прв проект по постигнувањето на договор ќе биде создавање на заедничка модуларна платформа на која ќе биде поставена новата генерација на Renault Twingo и Clio, а истата ќе се користи и за Smart ForFour и за Nissan Micra.
Вториот заеднчки проект ќе биде создавање на цела лепеза од лесни комерцијални возила, а дури подоцна создавање луксузни модели.
Интересено е што Nissan не учествува во првичните преговори, но одговорните во компанијата велат дека идејата им се допаѓа и дека и тие наскоро ќе им се приклучат на Renault и на Daimler.
Без оглед што соработката меѓу Rеnаult и Nissan функционира одлично и Renault поседува 44% од акциите на Nissan, сепак нема притисок и се остава на раководството на компанијата да одлучи дали и со колкав процент ќе се приклучи кон новата алијанса.
|