Неверојатна приказна завиткана во мистерија за еден Auto
Union, кој е повлечен од продажба на реномираната аукциска куќа Christie’s,
поради сомнеж околу неговиот идентитет.
Париз 2007 можеше да биде место каде што ќе се одржи
аукција на класични автомобили на годината, а можеби и на деценијата. Врвот на
продажбата на ретро автомобили на Christie’s требаше да биде 12 цилиндерски
Auto Union D-Type, еден од двата за кои се знае дека постојат. Другиот од
1938 година е во сопственост на Audi.
Овој сребрен монструм со средишно поставен мотор со 460
КС олицетворение на врвната технологија на Нацистичка Германија во триесетите,
според Christie’s на аукцијата требаше да достигне цена
од 12 до 17 милиони долари.
Лежерно победувајќи го досега најскапиот автомобил продаден на аукција Bugatti
Royale кој со 9,8 милиони долари го држи рекордот веќе 20 години.
Нумериран како шасија број 21 и мотор број 37 овој D-Type се сметаше
дека е автомобилот на Херман Милер со кој победи на ГП Франција во
1939 година и е единствениот од овој вид кој е во приватна сопственост.
Christie’s не објавува чив е автомобилот, но
јавна тајна е дека му припаѓа на Аба Коган, богаташ од Канада чија фамилија се
збогатила продавајќи и изнамувајќи машини за играње во Америка и во Јапонија.
Како вешт тркач тој поседува убава колекција на историски спортски автомобили
како и неколку болиди од Формула 1.
Продажбата на овој Auto Union во Christie’s траеше со
недели, дури автомобилот беше достапен за јавност и можеше да се види во еден
салон на Менхетен.
И само четири дена пред аукцијата автомобилот беше
повлечен поради, како што вели објаснувањето, истражување на тркачката историја
на овој D-Type во соработка со Audi Tradition (одделот за
историја на Audi).
Оддеднаш проблемот со автомобилот не беше врзан само
за неговото тркачко минато туку и за неговиот идентитет. Каталогот на Christie’s вели дека
шасија 21 и мотор 37 победиле на ГП Франција во 1939 година. Според податоците
забележани од Auto Union точно е дека моторт 37 победил со
Милер на ГП Франција, но шасијата била број 10. Зошто тогаш во Christie’s забележале
број 21?
Друго што се дознава од податоците на историчарот на Auto
Union др. Петер Кирчберг објавени во неговата книга од 1982 година со наслов Grand-Prix-Report
Auto Union 1934 до 1939 е дека победничкиот автомобил на ГП Белград
возен од Нуволари бил шасија број 10 (најуспешниот од моделите во 1939), но со
мотор број 29.
Каква сличност би можел да
има овој автомобил со шасија 21 и мотор 37 со победникот во Белград?
Овие податоци ја доведуваат во прашање веродостојноста на
Christie’s, односно дали автомобилот е тој за кој тие тврдат дека é.
Финансиран од Хитлер и основан од Фердинад Порше, Auto Union GP одсекогаш бил исполнет со контроверзнoст. Одлично
изработени и застрашувачки напредни во секој аспект овие автомобили се морничаво потсетување за
технолошкиот напредок на Третиот Рајх. Дваесет вакви автомобили биле направани
меѓу 1934 и 1939 година во Шемиц во Саксонија.
Се до 1937 автомобилите C-Type имале 4,3
литарски V16. D-Type од 1938 и од 1939 носеле 3 литарски V12 со
компресор. Во 1938 остварувале 420 КС, додека во 1939 моќноста пораснала на 460
КС. Моќност што болидите во Формула 1 ја остварувале дури во осумдесетите.
По војната приказната за Auto Union добива
елементи на трилер од студената војна со подмитување, илегално минување на
граница, воено профитерство, лажни документи итн.
За разлика од тркачите на Mercedes, повеќето
автомобили на Auto Union завршија зад железната завеса скриени
во рударско окно. Приказната вели дека 18 автомобили во 1945 година биле качени
на теретен воз и дистрибуирани низ фабриките за автомобили на тогашниот
Советски Сојуз заради проценка.
Советите тогаш биле далеку од експертизата што била потребна
за да се разглобат овие тркачки монструми. Има индиции дека дел од V12 биле
исечени напола за да се дознаат нивните тајни. За софистицираното местење на
сетапот и да не зборуваме. Некој во Русија седнал зад воланот на една од овие
машини, но обидот завршил со фатални последици по што Сталин забранил тркање и
наредил да се уништат.
Само два од ови модели на Auto Union им
побегнале на руските касапи. 16 цилиндарец кој се наоѓа во Музејот на Германија
и еден не тркач кој завршил во тогашната Чехословачка.
Потрагата по сестринските автомобили што исчезнале во
широките пространства на Русија по војната со време добива митски пропроции бидејќи
ентузијастите на Auto Union никогаш не се откажаа од нив.
D-Type со кој Нуволари победил во Белград му останал во
сеќавањата на Пол Карашиќ по потекло од Југославија кој
побегнал во Америка во 1946 година и се збогатил продавајќи недвижен имот.
Набрзо старите автомобили му станале хоби и во седумдесетите почнал да собира
важни предвоени модели од Северна и Јужна Америка и полека се префрлил во
Европа.
Карашиќ слушнал дека предвоени модели од Auto
Union се кријат во Русија. Во раните
осумдесети успеал да открие еден V12 D-Type во
Ленинград. Кусо потоа го нашол болидот од 1938 соголен до шасија која била
претворена во товарна приколка.
Сопственикот се согласил да го продаде и Карашиќ со
помош на лажни документи успеал да го пренесе во Финска од каде бил испратен
за Њу Јорк.
Карашиќ успеал да дојде до својот втор D-Type во 1985
година. Болидот од 1939 лежел во некој стар погон во Украина. Телото било
уништено, но шасијата, моторот, менувачот и деловите од суспензијата биле поради
некакво чудо сочувани. Овој пат со исправна документација деловите биле пратени
директно за Њу Јорк.
Пол Карашиќ двата болиди ги реставрирал во Британија кај
светски познатите експерти Crosthwaite and Gardiner. Нема сомнеж дека
Дик Кроствејт и неговиот тим завршиле одлична работа реставрирајќи ги
автомобилите. Но, Кроствејт одлучи да молчи за случајот Christie’s.
За целосна реставрација биле потребни три години, а
автомобилот бил претставен во октомври 1994 на Нирбургринг. Каде Кроствејт
свртел неколку круга по патеката секако извртувајќи се уште во првиот свијок.
Christie’s и до сега имала лоши искуства со Auto
Union. Во осумдесетите потрошиле мало богатство за пормоција на еден модел кој на
крајот не нашол купувач.
За D-Type куќата најави дека ќе го реши проблемот во соработка со Audi и по
неколку месечни истражувања вистината излезе на видело.
Се откри дека станува збор за шасијата 19 (не 21), што
значи дека се работи за D-Type од 1939, но не е моделот за кој во Christie’s тврдеа
дека é. Овој автомобил го возел Рудолф Хасе на Нирбургринг и завршил петти.
Автомобилот завршил шести на ГП Франција во 1939 со Ханс Штук зад воланот. Christie’s се обиде
да и даде друг осврт на целата работа тврдејќи дека сепак шасијата 19 е
единствениот преживеан Auto Union кој зад себе има Гранпри историја.
По истрагата се претпоставува дека автомобилот кој го
нема кредибилитетот на еден победник ќе достигне помала продажна вредност. Но,
во случајов тоа е не битно. Бидејќи конечно светот ја дозна вистината за
болидите на Auto Union и е побогат за едно автомобилиско
ремек дело.
|