Под мотото „Радост при возење” BMW одсекогаш
се претставувал како производител кој прави возачки ориентирани автомобили, но
и покрај тоа нема супер спортист во својата гама.
Нормално тоа е така денес, во минатото BMW ја
стекнуваше својата слава и преку единствениот супер спортски автомобил
претставен во далечната 1978. Наречен М1 автомобилот со центрлано поставен
мотор беше претставен на салонот во Париз и се продаваше во неколку различни
верзии за да биде повлечен само три години подоцна.
M1 како концепт првпат беше претставен во 1972, дизајнот го
потпиша Џуџаро, поточно италијанската дизајнерска куќа Giugiaro
Italdesign, а беше развиен од страна на BMW Motorsport со помош
на експертите од Lamborghini.
Во времето во кое се произведуваше М1 беше еден од
најбрзите и најдинамичните автомобили на пазарот. Зад возчот беше спакуван 3.5
литарски реден шест цилиндарец кој остваруваше 277 коњски сили доволни да го
истуркаат М1 до максимални 260 km/h.
Моќниот шест цилиндричен агрегат слободно се вртеше до
7.000 вртежи кога се вклучуваше автоматската блокада, снагата до задните тркала
се пренесуваше преку пет степен мануелен менувач од ZF, а
забрзувањето до 100 km/h изнесуваше 6,2 секунди.
Покрај одличниот мотор и менувач М1 можеше да се пофали и
со технологии од кои не би се посармиле ниту денешните супер спортски
автомобили.
Срцето на М1 го сочинуваше просторна рамка од челични
цевки обложена со панели од лесни пластиочни материјали кои ја сочинуваа витката
каросерија обликувана во и денес препознатливиот дизајн.
Шасијата беше потпора и за осфистицираната суспензијата
од двојни попречни водилки напред и независни трапезоидни водилки назад,
амортизери Bilstein вметнати во спирални пружини.
Иако М1 никогаш не постигна некои забележителни резултати
на тркачки план, и опстојуваше на пазарот многу кратко сепак, останува да го
носи епитетот како единствен автомобил на BMW со
централно поставен мотор и ќе остане запаметен по извонредните возни својства и
квалитет на изработка. Особини кои неможеа да се најдат на ниту еден супер
спортски автомобил од таа ера.
М1 за период од три години беше произведен во 456
примероци.
|