Бензинот до крајот на годината би можел да се продава по
100 денари за литар, а за една година од сега цената би можела да му скокне
двојно што значи дека литар ќе се чини и до 140 денари.
Предвидувањата ги дава една од водечките инвестициски
банки во светот Goldman Sachs. Според Арјун Мурти, стратегичар во Goldman
Sachs цената на барел сурова нафта од сегашните околу 120 долари би можела да
скокне на 150 до 200 долари во наредните 6 до 24 месеци.
Само пред Нова година цената на нафтата изнесуваше 100
долари за барел, а веќе пет месеци од стартот на годината цената скокна за
околу 20 проценти. Ако продолжи со исто темпо на раст цената на барел нафта за
една година би можела да се зголеми за два пати.
Автоматски се зголемува и цената на бензините и на
дизелот, па така на пумпа најверојатно ќе се точи литар бензин за 100 до 140
денари, колку што би изнесувала и цената на дизелот. Поради ова во Goldman
Sachs не ја исклучуваат можноста за протести кои од локално би преминале и на
глобално ниво.
Најголема причина за ваквиот раст на цената на суровата
нафта е неможноста на нафтените компании да ги задоволат барањата на земјите во
развој кој од ден на ден вртоглаво растат.
Доколку се направи ретроспектива на ценовното ниво на
суровата нафта од пред терористичките напади на САД на 11 септември 2001 и сега
се добива раст на цената од 600 проценти во неполни седум години.
Поточно, пред како што го нарекуваат 9/11, цената на
нафтата изнесуваше 20 долари за барел, а денес таа е како што кажавме 120
долари за барел, со една забелешка што многу поголем раст е забележан во
последните две години отколу во претходните пет.
|