Get Adobe Flash player
Европската унија се колеба за 120 g/km СО2
04.11.2008
evropska-unija-logo-1.jpgЕвропската унија одлучи времено да го отфрли предлогот на Европската комисија за воведување на строгата норма за емисија на јаглероден диоксид од 120 g/km од 2012.

Според предлогот на Европската комисија против кого протестираа дел од производителите ограничувањето на емисијата на СО2 од 120 g/km требаше да биде воведено во 2012, но по состанокот на земјите членки на Европската унија периодот е поместен за три години.

Консензусот што го постигнаа 27 држави од Европската унија во врска со воведувањето на оваа норма е истата да биде имплементирана од 2015. Причина за ваквото одложување се гледа во економската криза која значително ќе се одрази врз производителите на автомобили.

Поради ова нивните ресусрси ќе бидат насочени кон спасување на компаниите место кон развој на поекономични и позелени автомобили.

Иако членките се договорија да отстапат од предлогот тој сеуште не поминал во Европскиот парламент, по што, еден ваков предлог би можел да стапи на сила во форма на закон.

Без оглед на периодот на чекање производителите на автомобили од Стариот континент барем за момент ќе можат да земат здив и да се надеваат дека сепак, Европарламентарците ќе имаат разбирање за нивните проблеми.

Светла точка во расплетот е и поддршката за одложување на предлогот до 2015 од страна на актуелниот претседавач со Европската унија, Франција. Сосема неочекувано поддршка кон производителите упатува и самата Европска комисија која во прв план го даде овој предлог.

Сепак, не е се така едноставно. Италија е една од земјите членки на Европската унија и земја со силно развиена автомобилска индустрија која се противи на одложувањето на воведување на нормата од 120 g/km СО2 и бара истата да се имплементира од 2012. Како што беше првично нагласено.

Се додека предлогот не помине низ Европскиот парламент кој ќе ја даде конечната одлука, а ова може да потрае, производителите ќе мора да се придржуваат на претходно дадениот лимит од 130 g/km од 2012.

Но, поради варијациите со кои овој лимит ќе се имплементира дел од производителите што прават мали автомобили како што е примерот со Fiat се наоѓаат на удар на построги норми отколку производителите на големи автомобили каков што е на пример Mercedes.

Имено варијациите дозволуваат овој лимит за производители на мали автомобили како што е Fiat да изнесува 122 g/km, а за големите производители како Mercedes 137 g/km што во основа е далеку од фер.

На сето ова се надоврзува и Холандија која бара уште построги норми и истите да се имплементираат уште побрзо.

Според брзината со која во Европскиот парламент се одлучува по овие прашања, но и според ангажманот на дел од членките на Европската унија се претпоставува дека воведевањето на лимитот од 120 g/km ќе почне да функционира дури од 2015.

Членките на Европската унија кои бараат одложување во меѓувреме доставија и нов предлог до Европската комисија во кој се сложуваат дополнително да ја смалат емисијата на СО2 на ниски 95 g/km од 2020.

Познавачите на приликите во Европската унија сметаат дека ова е вадење ас од ракавот само колку да се одоброволат Европарламентарците и дека кога ќе дојде време за имплементирање на новите норми повторно ќе има превирања и негодувања.

Во моментот лимитот на емисија на СО2 е поставен на 162 g/km.

 

 

 

Facebook