|
18.06.2008 |
Кога ќе се прочита куса информација како што е насловот
на оваа вест, човек се запрашува колку луѓето се подготвени да ја завлечат
раката длабоко во џебот за да поседуваат уникат.
Тешко е да се даде одговор на нешто вакво. Сепак, на
годишната аукција која се одржува во чест на фондацијата ARK
Absolute Return for the Kids, финансирана од милионерот Арпад Бусон, во светот на
гламурот попознат како момчето на актерката Ума Турман, непознат купувач платил
200.000 фунти за еден Fiat 500.
Нормално не станува збор за обичен автомобил туку за
уникат наречен Dark, Dark, Dark. Тој е еден од
четирите Fiat 500 насликани од
контроверзниот уметник Трејси Емин. Девојката со потекло од турскиот дел на
Кипар е дел од групата на Млади британски уметници и се смета за наследник
на познатиот уметник Дамјан Хирст.
Првиот насликан Fiat 500 беше продаден во
октомври 2007 за многу пониска цена од само 42.000 фунти. Нормално парите што
ги собра Fiat 500 Dark, Dark, Dark, близу
253.000 евра, одат во добротворни цели.
|