|
14.05.2007 |
Во борба против постојаниот раст на цените на горивата, јапонските научници експериментираат со гориво на база на традиционалното саке, пијалокот добиен со ферментација на ориз.
Владиниот проект ги повикува локалните фармери од провинцијата Шинаномачи, северно од Токио, да го предадат отпадот од нивните фарми во форма на лушпи од ориз, со цел тој да се преработи во чист етанол.
Потоа етанолот ќе им биде доставен како гориво на локалците, за да го испробуваат во пилот програмата. Доколку успее, проектот ќе повлече тренд на целата територија на Јапонија и се повеќе автомобили ќе возат со биолошкото гориво добиено од ориз.
По САД, Јапонија е втор по големина светски потрошувач на гориво и произведува висока количина на јаглероден диоксид. Но, за разлика од САД, Јапонија си постави строги цели за намалување на емисијата на СО2 и се префрлува на алтернативно горива. Сепак, јапонските автомобилисти се уште заостануваат далеку зад американските и европските возачи во прифаќањето на зелените горива. Причината за тоа се екстремно високите цени за храната што се одгледува локално како и отсуството на поддршка од националните нафтени компании и од владата.
Новото гориво ќе се тестира и во возило што ќе може да работи со било кој сооднос на мешавина од бензин и биогориво добиено од ориз. Но, јапонските марки во моментов не нудат таков модел и затоа за проектот мораа да увезат еден Ford кој се приспособува на горивото што ќе му се наточи. Од еден килограм ориз се добива половина литар етанол, по цена многу повисока отколку на нормалниот бензин, кој во моментов чини околу 1,13 долари за литар. Со таа цена нема да биде чудно ако луѓето во проектот дојдат до идеја да понудат и пијачка при полнењето на резервоарот.
|