|
Градоначалникот на Вилниус, главниот град на Литванија, Артурас Зуокас најде начин како да се бори против новопечените богаташи кои не се плашат од полиција и возилата ги оставаат каде ќе им текне.

За да не испадне дека некој некого мрази во приказнава, Зуокас своите намери да стави ред во паркирањето ги прикажа јавно пред телевизиска камера и воедно ги демонстрираше способностите на воениот транспортер BTR.
Транспортерот со Зуокас како командир на борбено возило прегази Mercedes S Класа од постаро годиште паркиран на велосипедска патека оставајќи го неговиот сопственик во бунило и згора на тоа му врачи и казна за погрешно паркирање.
„Ова е мојата порака до сите кои не ги почитуваат законите. Ако имате скап автомобил и многу пари, тоа не значи дека можете да паркирате каде што ќе посакате,” изјави пред новинарите Зуокас.
Тој дополни дека овој тип на нарушување на законот е многу чест во Вилниус заради многуте новопечени богаташи и најави дека е цврсто решен да се справи со актуелниот проблем.
А како и нема да се справи кога зад себе ја има поддршката на полицијата и војската и нивната борбена техника која своите способности јасно ги прикажува на снименото видео.
На крај Зуокас си заминува на електричен скутер. Пораката е јасна и важи секаде, само кој да се одважи.
|