|
Проектот на летечкиот автомобил кој што e способен подеднакво да ги задоволи потребите и во воздух и на копно е дело на инженерите од американската компанија Terrafugia и е наречен Transition.

Transition e првиот летечки автомобил на светот кој што добил потврда дека може да лета во категоријата на Лесен спортски авион од Федералната администрација за авијација на САД, или FAA – Federal Aviation Administration.
Според правилникот на FAA за возачот, пардон пилотот, да се стекне со дозвола за летање на Лесен спортски авион се потребни само 20 часа летање обука и полагање на соодветен завршен испит.
Иако Terrafugia Transition според нормите на FAA ја надминува границата на тежина за Лесен спортски авион за 50 kg, одговорните лица од администрацијата сепак одлучија да му ја доделат дозволата за летање, објаснувајќи дека производителот е должен да ги информира купувачите дека леталото има 50 kg дополнителна тежина во однос на нормативите.
Со одобрението од FAA, Transiton стана првиот летечки автомобил со дозвола за летање, меѓутоа неговиот пат до купувачите и можноста за користење во редовен патен сообраќај не застанува тука.
Од Terrafugia сега мора да и докажат и на Националната администрација за безбедност во сообраќајот на САД, NTHSA – National Highway Traffic Safety Administration, дека нивниот Transition ги задоволува безбедносните норми кои важат и за современите автомобили.
Испитувањата се во тек и за корегираат направените забелешки кои на крај треба да условат со давање на хомологација за на пат. Доколку сe тече според планот велат од Terrafugia, нивниот Transition ќе може да се понуди на пазарот некаде во првото три месечје од следната година.
Овој хибрид од автомобил и авион е едноставен за користење и користи обичен безоловен бензин од 95 октани.
Претворањето од автомобил во авион и обратно трае само 30 секунди. Со едно полнење на резервоарот може да прелета 740 km. Резервоарот собира 75 литри, во воздух троши 19 литри на час, а на пат при патна брзина од 100 km/h троши 7,85 L/100 km. Максималната брзина при крстарење во воздух изнесува 185 km/h.
Transition го задвижува мотор со моќност од 100 КС кој е дело на Rotax. Скоцкан како автомобил во должина мери 5.718 mm, широк е 2.032 mm и висок е 2.056 mm. Oтворен како авион Trasnsition е долг 5.841 mm, висок е 1.904 mm и има распон на крилата од 8.381 mm.
За Transition е определена цена од околу 194.000 долари и првите 70 нарачки со депозит од 10.000 долари веќе се пристигнати во компанијата.
|