Автомобил задвижуван од водена пареа ќе атакува на
светскиот брзински рекорд за парни возила. Безмислено нели. Но, не и за
традиционалните британци, извор за вакви луди идеи.
Кога се спомнува погон на пареа веднаш што ни излегува
пред очи се старите парни локомотиви од каубојски филмчиња. Котли на тркала кои
пуфкаат, фрчат и пиштат додека се мачат да ја повлечат тешката композиција. И
дури и при максимална брзина сеуште се неспособни да му побегнат на коњ во
галоп.
Никој не ни помислува дека едно вакво пуфкало може да
атакува на брзински рекорд, уште помалку некој да потроши еден куп пари и време
и да користи последен крик на технологијата за нешто што нема иднина.
Сепак, станува
збор за трка со времето, а кога е во прашање трка тогаш логиката престанува и
целата енергија се троши за соборување на рекорд.
Назад во
историјата
Грозницата во
соборување на брзински рекорди почна два века порано поточно во 1898. Првиот
брзински рекорд како и следните четири беа поставени од електрични автомобили.
Дури во 1902 тивките брзачи ја загубија доминацијата од парните автомобили.
На 13 април 1902 Леон Серполе ја започна ерата на парните
автомобили кога го собори рекордот од 105.9 km/h поставен
од тимот на Mercedes година порано. Серполе со својот испарувач просвире низ
мерениот километар за 29,8 секунди постигнувајќи максимална брзина од 120,8 km/h.
Следните три години доминираа мотори со внатрешно
согорување и кога парниот автомобил се подзаборави во 1906 на сцена го врати
Фред Мериот со автомобилот Rocket поставувајќи нов брзински рекорд. Мериот истата година
освои три трофија и собори пет брзински рекорди со максимална брзина од 205,4 km/h на милја.
Неверојатно но, одговорните во Париз не му го признаа овој рекорд. Затоа пак му
го признаа рекордот од 195,7 km/h на еден километар. Ова беше последен пат парните
автомобили да доминираат на сцената на брзински рекорди.
Предизвик
Модерниот шампионат на Британија со парни автомобили е
направен со двојна намена. Соборување на брзински рекорди на земја за возила
задвижувани од водена пареа и создавање на нови возбудувања во арената на
алтернативни горива.
Британскиот тим ќе се обиде со својот парен автомобил да
го собори светскиот брзински рекорд на километар и на милја.
Неофицијалниот рекорд за милја е 234,4 km/h поставен
во 1985.
И како да не е доволно што се користи вода од чешма за да
се вози лудачки брзо, британците ќе го направат тоа со автомобил директно од
гаражата на Бак Роџерс. Главен конструктор на супер брзиот Thrust
2 Jet Car и автомобилот што го проби звучниот ѕид на земја ThrustSSC.
Автомобилот е направен од алуминиум и карбон кои лежат
врз просторна рамка направена од челични цевки. Тркалата се потпираат на двојни
опречни водилки, а системот за сопирање нуди четири вентилирачки дискови плус
падобран.
Главниот погон доаѓа од парна турбина која со пареа се
храни од бојлер загреван од LPG. Крајната моќност мери 325 коњски сили.
Секцијата со бојлери се наоѓа на средина од автомобилот
поради подобра тежинска распределба. Станува збор за четири одделни бојлери
секој способен да работи независно.
Пареата од секој бојлер се носи до турбината преку
хидарулично управувани вшприцувачки. Времето на вшприцување и количеството на
пареа го контролира компјутер. Водата што ги снабдува бојлерите доаѓа од два
резервоари со водород под притисок.
Автомобилот кој сеуште нема официјално име е долг 5,25
метри, широк 1,7, а висок 1,1 метар. Со меѓуоскино растојание од 3,8 метри и
коефициент на отпор на воздух од 0.20 Cd.
Според пресметкие се очекува максимална брзина од преку
300 km/h, а во кокпитот ќе седи Чарлс Барнет трети, кој зад себе има преку
20 брзински рекорди, но сите поставени на вода.
Ова е прв обид на Барнет да атакува брзински рекорд на
земја.
|