И додека Porsche и Nissan се расправаат дали рекородот поставен од новиот GT-R на Нирбургринг е
фалсификат или не, Maserati не губеше време, си
заврши работа и постави нов рекорд на патеката.
Рекордот поставен на северниот дел од патеката на
Нирбургринг, фамозната Нордшлајфе која е долга 20,5 km му се
припишува на Maserati MC12 задвижуван од моторот на Ferrari
Enzo.
Maserati MC12 ја мина Нордшлајфе
за време од 7 минути 24 секунди и 29 стотинки. Интересно е што рекордерот Maserati
MC12 му припаѓа на некој богаташ кој покрај него во својата гаража чува цела
ергела од расни грла.
Па така непознатиот соственик на патеката во Нирбургринг
донел и Ferrari Enzo, Koenigsegg CCX, Pagani Zonda F Clubsport
и Porsche Carrera GT. Секако ергелата не била донесена за украс.
Секој од автомобилите бил тестиран на патеката од страна
на пилотот кој вози во американската серија Леман ALMS, Марк Басенг
во обид да се собори рекордот на Нордшлајфе.
За сета оваа работа да биде официјална и да не се навлезе
во препирката која сеуште ја водат Nissan и Porsche,
непознатиот сопственик одиграл на сигурна карта.
Повикал претставници од магазинот Evo кои што
присуствувале на тестирањето и на крај ги потврдиле времињата постигнати од
секој од петте автомобили, вклучувајќи го и новиот рекорд.
Разочарува податокот дека најмоќниот суперспортист Koenigsegg
CCX со моќност од 901 коњски сили постигнал најлошо време од големата петорка и
ја свртел Нордшлајфе за 7:33:60.
Пред него е Porsche Carrera GT кој постигнал
време од 7:28:71. Бронзениот медал му припаднал на Ferrari Enzo со
впечатливи 7:25:21, додека среброто го освоил Pagani Zonda F
Clubsport со време од 7:24:65.
И првото место го освојува Maserati MC12 со време
кое е за 36 стоти делови од секундата подобро од она на Pagani
Zonda F Clubsport, впишувајќи нов светски рекорд на пистата поставен од
сериски автомобил.
Мора да се спомене дека на Нордшлајфе е постигнато и
подобро време од ова на Maserati MC12, но за жал тој резултат не е
официјално потврден.
Инаку неофицијалниот рекорд за сериски автомобили му
припаѓа на Dodge Viper ACR, а
поставен е на 18 август годинава. Со автомобилот управувал пилотот кој вози во WTCC
World Touring Car Chаmpionship на FIA, Том Коронел.
Тој успеал 20,5 km долгата патека да
ја сврти за време од 7:22:10. И бидејќи овој рекорд не е официјално признат се очекува
од Dodge повторно да излезе на патеката и да го потврди приматот
на Нордшлајфе меѓу сериските суперспортски автомобили.
|