Дефинитивно прекалениот и тврдокорен теренец чива с`рж
останува несменета веќе три децении се смета за еден од најкултните модели на Mercedes на сите
времиња.
Првата верзија на класата G – Gelende или терен,
пристигна на пазарот во далечната 1979 и од тогаш, до сега, се продадени преку
200.000 примероци на приватни лица, но и на армиите и полициите ширум светот.
Но, ова не е знак да се престане. Напротив. Според
зборовите на претседателот на групацијата Daimler, каде
припаѓа и Mercedes, Дитер Цетче, „класата G е
популарна сега од било кога. Можеби ќе славиме уште еден важен јубилеј за едно
десетина години,” истакна тој.
Кај нас многумина класата G ја
нарекуваат Puch. Познавачите знаат дека теренецот на некои пазари се
продавеше под името на кооперантот Steyr – Daimler – Puch со кого Mercedes го започна
развојот на моделот G и во чија фабриката се произведува во Грац,
Австрија. Па дури го носеше и беџот на Puch на носот.
Подоцна Mercedes одлучува без исклучок теренецот да ја носи сјајната
ѕвезда и да се продава под името Mercedes G.
Развојот на G Класа започнува во
1972 и по три години развој во 1975 одговорните донесуваат одлука чистокрвниот
теренец да влезе во серија. Истата година стартува изградбата на
фабриката во која G Класа сеуште претежно рачно се произведува, за во 1979 првите
сериски примероци да ги напуштата производните капацитети.
И покрај четвртастиот и неинвентивен дизајн теренецот на Mercedes полека, но
сигурно почнува да ја гради својата популарност со текот на годините. Пред се,
поради исклучителните теренски карактеристики, безбедноста, доверливоста,
издржливоста и практичноста.
Едноставно Mercedes G е незапирлив на
терен. Долг на големата артикулација на оските, редукторот, три механички
диференцијали – преден – централен - заден со можност за независна блокада на
секој од нив и проверените и издржливи агрегати.
Малку е познато дека животниот век на G Класа во армиите е
проценет на 50 години. Значи суштествово може да издржи 5 децении тормозење на
терен, товарење и влечење разни воени средства.
Заради сите наведени карактеристики G Класа
станува основа за изработка на цела низа специјални возила. Секако најпозната
специјална верзија и медиумски најизвикана е онаа во која се вози Папата,
популарно наречена папамобил.
Mercedes G Класа ниже
и спортски успеси посебно на релито Париз-Дакар иако неговата намена, сепак, не
е бришкање по непрегледната пустина туку користење како работен коњ. Токму оваа
карактеристика го прави најдолго произведуваниот модел во историјата на Mercedes.
Подеднакво важна е и блиндираната верзија со продолжено
меѓуоскино растојание. Комплетно оклопена оваа верзија се нуди со ниво на
заштита В6 и В7 отпорни на пиштолска муниција, пушчана муниција и експлозивни
средства.
За да ги одбележи овие три децении постоење Mercedes на пазарот
ќе пушти специјална верзија која е наречена Edition30, а е
базирана на двете серии на G Класа: пуританската и практична G461 и
комфорната и луксузна G463.
Првата верзија од Edition30 е поставена
на палтформата од серијата G461 280 CDI и носи полно име Edition30.PUR. Добиениот
резултат е моќен теренец кој се повикува на принципите поставени од првата
генерација.
Оптимизирана за извршување на најтешките задачи на најтежок
терен таа им се препорачува на оние кои сакаат да патуваат по беспаќата ширум
светот знаејќи дека крај себе секогаш имаат сигурен партнер.
Во зависност од избраниот пакет Off-road 1 или
Off-road 2, G Edition30.PUR може да биде опремен со цврсти леснометални
бандажи обуени во гуми 265/75 R 16 кои со дизајнот потсетуваат на челични, заштитни решетки
на предните светла, арки на тркалата од флексибилна пластика, зацврстена хауба
по која може да се оди за полесен пристап до опционалниот багажник на кровот,
кука за влечење назад, макара за извлекување напред, дводелна задна врата,
издржлива ткаенина на седиштата, посебни отвори за дренажа во подот, инструменти
и копчиња отпорни на прскање со вода, багажник поставен со даски одвоени со
метални шини заради полесно товарење како кај камион, дополнително загревање на
моторот и кабината производ на Webasto и мануелен клима уред.
Втората верзија на Edition30 е
поставена на основата на серијата G463 поточно моделот G 500. Овој
модел покрај завидните теренски способности носи и голема доза на комфор и
луксуз. И тука можат да се добијат практичните детали како и кај Edition30.PUR плус
посебната платинесто црна боја од пакетот на Mercedes,
Designo, во која се обоени и леснометалните бандажи со пет краци.
Editon30 G463 добива и уникатни беџови Edtion30
закачени на предните крила, Designo кожен ентериер во
боја крстена како Chablis и Designo дрвени детали, автоматски двозонски клима уред и се она
што може да се најде кај автомобилите на Mercedes од
повисоките класи.
Двата специјални модели од Edition30 можат да се
нарачаат веднаш. Моделот Editoin30.PUR во Германија стартува со цена од
59.381 евра со вклучени давачки, додека за луксузниот Edition30 треба да
се одвојат 97.461 европски банкноти.
|