|
Секако дека звучи чудно да се продава нов, а користен автомобил за баснословна сума на пари, но кога се работи за Porsche посебно за некој модел од лимитираните серии се е можно.

Еден од најретките модели на производителот од Цуфенхаузен, Porsche 911 996 GT1 кој е произведен во лимитирана серија од само 25 примероци во 1996 години е поставено за продажба на една од големите германски интернет берзи.
Тркачкиот автомобил подготвен да се натпреварува во класата GT1 од серијата Леман е еден од ретките примероци кои одговараат на хомологациските норми предвидени за возила во редовен сообраќај.
Значи еден од најбруталните тркачи во историјата на Леман може да вози на улица додека во кокпитот седи среќниот и пред се богат купувач. Но, за парите малку подоцна. Прво да видиме што сокрива тркачов.
Porsche 911 996 GT1 централно во монокок шасијата изработена од карбон-фибер и зацврстена со алуминиумски панели во форма на саќе носи 3.2 литарски турбо бензинец кој е способен на задна оска да испорача 700 КС.
Болидот тежи едвај 1.100 kg за да ги задоволи техничките правила на серијата Леман и може да го катапултира возачот до 100 km/h за малку над 3,3 секунди. Максималната брзина изнесува 378 km/h.
Сето ова потенцијалниот купувач на ново-користениот Porsche 911 996 GT1 ќе го чини 1.33 милиони евра. Прилично висока сума за која тој ќе добие тркачки автомобил стар 14 години кој на тахото сеуште не забележал ниту 1 km.
|