Pagani го обелодени официјалното видео во кое нивниот најнов проект поставен на основата на Zonda R го соборува рекордот на долгиот круг, така наречениот Зелен пекол, на патеката во Нирбургринг.
Мајсторот што седи зад воланот на рекордерската Zonda R е професионалниот пилот Марк Басенг и тој успева да ја сврти Нордшлајфе за 6 минути и 47 секунди. Со овој резултат Zonda R го победи британскиот Radical со болидот SR8 Supersport/LM.
Британците со својот прототип подготвен според спецификации за Леман, кој централно во шасијата носи 2.8 литарски V8 од Powertec насвирен на 460 КС, успеаја да ги победат и Dodge Viper ACR и Maserati MC12 и Gumpert Apollo, но и Ferrari 599XX основата за 599 GTO, остварувајќи време од 6 минути и 48 секунди.
Radical SR8 Supersport/LM
Рекордот Pagani го остварува со примерок на Zonda R којшто не е регистриран за да вози на улица. Во време на поставување на рекордот инженерите на Pagani го користат моделот за тестирање на механички компоненти на Нирбургринг кои подоцна треба да се вградуваат во наследникот на Zonda.
Колку за потсетување Zonda R е поставена на шасија до карбон-фибер засилена со алуминиумски профили и рамка од хром-молибден челични цевки и тежи 1.070 kg.
Со една ваква поставка Zonda R е способна да го катапултира возачот до 100 km/h за 2,7 секунди и да достигне максимална брзина од 351 km/h. Задоволството чини 1.5 милиони евра, а до сега се произведени само 15 примероци.
Интересно е што во видео приказот што го даваат од Pagani при соборување на рекордот убаво може да се забележи како напредува Zonda R низ патеката, а воедно може да се види комплетната обиколка на култната патека.