Бројката од 50 милиони произведени автомобили го
потврдуваат искуството и постојаноста на Peugeot чија богата
историја му овозможува храбро да се насочи и да гази кон иднината.
Историјата на компанијата започнува во далечната 1766
како фамилијарен бизнис. Семејството Пежо прави мелница во селото Вандокурт во
североисточниот дел на француската провинција Монтбелие.
Мелницата е стожерот на семејната фирма се до 1810 кога
семејството Пежо одлучува да ја смени дејноста. Промената на дејноста на
фирмата е радикална и тие од мелничкиот бизнис се префрлаат во металната
индустрија. Поточно прават фабрика за ладно валање на челични лимови.
Бизнисот со производство на челични лимови почнува да
цвета и само четиринаесет години подоцна ладната валалница на Peugeot
произведува по 1000 килограми челичен лим дневно и продолжува да расте.
Во 1850 фабриката на Peugeot Freres официјално
го добива лавот како амблем кој и ден денес ги краси автомобилите на
Peugeot.
Производството на ладно валани лимови трае се до 1882
кога семејството Пежо одлучува повторно радикално да го смени својот бизнис
согласно како наложуваат современите текови на индустрискиот развој.
Така фабриката Peugeot Freres истата година
започнува да произведува велосипеди под марката Grand Bi. Бизнисот
полека се шири и во 1889 го произведуваат првата моторна кочија, Serpolet
Peugeot, која бил претставена на светската изложба во Париз истата година.
Само една година подоцна, значи во 1890, од фабриката на Peugeot
излегува првиот автомобил задвижуван од мотор со внатрешно согорување. Шест
години подоцна во 1896 господинот Арманд Пежо ја основа фабриката за производство
на автомобили наречена Societe Automobiles Peugeot и од која до 1900
излегуваат 500 произведени автомобили.
Работите од тогаш до денес се менуваат драстично и од
срамежливите 500 примероци за 4 години производството на Peugeot
стигнува до бројката од 50 милиони.
Големата бројка се должи на продажбата на автомобили низ
целиот свет и на побарувачката која постојано расте. Во Европа, следствено и
кај нас, Peugeot е една од најпопуларните марки. Пазари што бележат
најголем пораст се Кина, Бразил и Русија.
Минатата година Peugeot токму на овие
пазари ги бележи најголемите успеси. Во Кина продажбата расте за повеќе од 20%,
во Бразил за 19%, а во Русија за неверојатни 63%.
Растот на Peugeot се забележува и
преку отворањето на фабрики ширум светот. За малку повеќе од 100 години од
својата фабрика во Сошo, Peugeot го рашири производството низ вкупно 24 фабрики низ
целиот свет.
До сега Peugeot продал преку 160 различни модели на автомобили и 34 фамилии
на продукти од 201 до 308 и карактеристично за сите овие модели се смелиот
дизајн и добрата механика.
Грижата на Peugeot не е насочена само
кон масовно производство на автомоббили и освојување на глобалните пазари.
Француската марка одсекогаш се грижела и за зачувување на животната средина.
За ова зборува бројката од преку 1.100.000 автомобили кои
се произведени од 2001 до денес со емисија на СО2 од помалку од 120 g/km. Но, ова е
само почеток на приказната.
Peugeot е еден од првите производители кој во своите дизел
мотори вгради филтер за честички чад, а веќе подолго време работи на
дизел-хибрид и може да се каже дека е пионер во спарувањето на електромотор со
дизел агрегат.
|