|
Владата во Русија планира ново зголемување на царината како за нови така и за користени автомобили кои се увезуват во државата принудувајќи ги странските компании да отвораат погони во Русија.

Мерката на зголемување на царинската стапка според премиерот Владимир Путин има за цел да ги натера големите светски производители да отвораат погони и развојни центри во Русија.
Трик со кој во минатото се послужија и Соединетите Американски Држави за производителите од Јапонија, Јужна Кореа и Европа. Секако и европската унија воведе слични мерки за производителите од Азија и од Америка.
Со големо задоцнување сега тоа го прави и Русија. Според Путин, Русија не е членка на Светската трговска организација - СТО и тоа не ја обврзува да ги држи царинските стапки на одредено ниво кое е претходно договорено.
Дополнително Путин истакнува дека странските производители на автомобили не треба само да произведуваат во Русија, туку и да развиваат технологија од која полза ќе има и руската индустрија и економија.
Затоа руската влада за да ги охрабри да инвестираат во Русија планира да ја зголеми царината за нови автомобили и за користени автомобили до 5 години старост на 30%.
Воедно Путин вели дека не сака да ја претвори Русија во депонија за стари автомобили увезени од Запад кои имаат застарена технологија, загадуваат премногу и на крај, спротивно на верувањата, премногу ја чинат државата.
Во 2008 година Русија воведе закон според кој користените автомобили кои се постари од 5 години се царинат во зависност од зафатнината и моќноста на моторот. Царината изнесува од 3 до 5,7 евра по сантиметар кубен.
Овој закон беше на големо критикуван од страна на странските производители на автомобили, но Русија истраја и тоа вроди плод со отворање на бројни погони за производство на автомобили во последните две години.
Сега властите планираат дополнително да ги зголемат ставките за користените автомобили и веруваат дека со тоа дополнително ќе се подобри состојбата во државата.
Прогнозите не се залудни бидејќи руската автомобилска индустрија се опоравува многу побрзо отколку што првично се веруваше.
Имено во месец јули годинава обртот на руската автомобилска индустрија е зголемен за 48% во споредба со месец јули 2009, бројка вредна за почит.
|