|
04.05.2007 |
Релито на милионерите Gumball 3000 е опасно - за тие што не учествуваат. Веќе однесе еден живот. И покрај тоа големите фирми го спонзорираат лудото рели.
Gumball 3000 се базира на идејата за танакареченитe Cannonball Runs од седумдесетите години во САД. Во 1972, 1973, 1975 и 1979 година тимовите возеа илегални трки од Њујорк до Лос Анџелес. Јавноста дозна за трката по веста во Time Magazine во 1972 година - и веднаш потоа беше официјално забранета. Во 1981 година се сними и филм на оваа тема, со Берт Рејнолдс, Роџер Мур, Фара Фосет, Дин Мартин и други, под наслов Cannonball Run.
Не победува најбрзиот туку најпроблематичниот
Во 1999 година Англичанецот „Максимилион Купер” ја реализираше идејата. Оттогаш секоја година во мај се одржува релито Gumball 3000, на кое се возат три илјади милји по јавни патишта. Бројот на учесници е ограничен на 120 возила. Целта на релито во прва линија е учесниците да уживаат во релито. Затоа не победува најбрзиот, туку тој што ќе привлече најголемо внимание.
Постојано има тешки незгоди
Секоја година учесниците собираат казни во висина и до 20.000 евра и ги плаќаат веднаш - и продолжуваат да возат лудо. Во Шпанија и Австрија релито повеќе не е дозволено да се вози, откако тамошните власти им ги одзедоа возачките дозволи на неколку учесници и запленија возила на одреден период. Редовно се случуваат незгоди, во кои се повредуваат и другите учесници во сообраќајот. Поради различните законски одредби трката не е забранета секаде. Од годинава Gumball 3000 повеќе нема да смее да се вози и низ Германија.
Бидејќи рутата на релито се наведува само приближно, на полицијата не и е секогаш едноставно да ги улови учесниците во илегалното рели. А и доколку ги запре на патот може да им изрече казна од неколку стотини евра која за милионерите што плаќаат по 41.500 евра за учество во Gumball е крајно симболична.
Настанот го спонзорираат познати фирми. Годинава тоа се T-Mobile и Adidaѕ. Спортската куќа пушти на пазарот модна колекција Gumball и стартуваше со „фабрички тимови” од популарни личности, како фронтменот на Jamiroquai, Џеј Кеј, и американскиот рапер Ексзибит. T-Mobile опреми дел од возилата со системи за навигација и стави линк на своите интернет страници до официјалната страница на организаторот.
И Обединетите Нации имаат улога
Нејасна е улогата на Обединетите Нации кои според пишувањата на големите светски медиуми ја подржуваат трката Gumball 3000 низ Албанија. ОН предложил до организаторите илегалното рели да минува низ Албанија. Целта: да се генерира медиумско внимание за сиромашната земја. Сепак, и ОН и организаторите засега го демантираат тоа. Албанската влада сама го презела организирањето на трката низ државата. Организаторите објаснуваат дека всушност сакале да ги анимираат локалните авторитети да учествуваат во проектот и со помош на ОН да воспостават контакти со албанската влада.
Спонзорите и институциите се збунети
Значи и по девет години одржување на релито, спонзорите се уште не успеале дознале дека се работи за илегална трка. Дури и Обединетите Нации очигледно воопшто не се свесни за правната сива зона во која се одржува Gumball. И што всушност се крие зад релито - тоа е пред се генијален маркетиншки концепт кој го привлекува вниманието на јавноста и со него може да се заработат многу пари.
|