|
Oyak-Rеnault e производствениот мамут на францускиот производител. Можеби овие зборови некому ќе му делуват пренагласено, но причини за едно вакво тврдење има повеќе и стојат на здрава основа.

Не залудно Renault ја одбра фабриката во Бурса, Турција за производство на електричната верзија на Fluence Z.E. чив список за нарачки е отворен годинава на 16 април, а првите примероци ќе стигнат до купувачите кон средина на следната година.
Дека напорно се работи на подготовките за производство на Fluence Z.E имавме прилика директно да се увериме при посета на фабриката која е производ од партнерството меѓу турскиот Oyak и Renault. Имено во фабриката во Бурса веќе е во изградба посебна лента за Fluence Z.E. која смеевме само да ја набљудуваме oткако од домаќните бевме љубезно замолени да не се фотографира.

Работниците рачно ги поставуваат парчињата ламарина во калапот под пресата
Всушност од Oyak-Renault беа искрени во настапот и пред стартот на обиколката на фабриката и запознавањето со производните процеси не информираа дека смееме да гледаме, но не смееме да фотографираме освен она што тие ќе ни го дозволат. Ова е вообичаена праска кај сите производители. Сепак, беа доволно љубезни за да ни остават простор да добиеме комплетен впечаток за современиот начин на производство на автомобили.
Да и се посветиме на кусо на историјата. Партнерството меѓу Oyak-Renault е формирано далечната 1969, со финасирање од Renault од 44%, од Oyak 43% и кредит 13%. Крунa на партнерството е изгрдaба на погон од чии производни ленти во 1971 се симнува првиот автомобил Renault 12. Безмалку три децении подоцна погонот прераснува во една од најмодерните фабрики на светот за производство на автомобили. Денес 51% од сопственичкиот пакет на Oyak-Renault му припаѓа на Renault, a 49% на Oyak.
Првиот автомобил којшто се произведувал во фабриката на Oyak-Renault, Renault 12 останал во продукција до 1985. Потоа забрзано следат модели како Renault 9 и 11, Renault 21, Renault 19, Megane Sedan, Megane Estate, Clio Symbol, и Megane II sedan. Денес во Oyak-Renault се произведуваат Clio III, Clio Grand Tour, Symbol, комплетната гама на новиот Megane и Fluence.

Роботи се користат секаде каде што е потребна исклучителна прецизност и издржливост. Тука работата тече без застој
Од скромниот капацитет на производство од 20.000 автомобили годишно во 1971, денес Oyak-Renault има капацитет од 360.000 автомобили годишно плус мотори, менувачи, предни и задни оски кои ги извезува за останатите фабрики на Renault во Романија, Франција, Бразил, Аргентина, Колумбија, Мексико, Иран... Заради побарувачката на пазарот фабриката минатата година произвела „само” 277.572 автомобили, 240.921 мотори, 259.118 менувачки кутии, 279.106 предни оски и 296.212 задни оски. Целокупното производство е дело на современите машини и 5.914 вработени во Oyak-Renault.
Производството на сите модели се одвива на една лента. Во Oyak-Renault како во секоја современа фабрика нема посебна лента за секој модел. Производството се одвива според нарачките кои пристигнуваат од регионалните дилерски центри. Така еден зад друг можат да се најдат на премиер Clio III и Fluence.
Роботите имаат огромен удел во процесот на производство. Секаде каде што е потребна голема прецизност и брзина во изработката тие впрегнати. Изработката на составните делови на моторите е дело само на една машина која ја испорачува Nissan вториот партнер во алијансата Renault – Nissan. Готовите делови изработени со прецизност од 100 дел од милиметарот одат до боксови каде стручни лица од нив ги склопуваат моторите кои потоа по случаен избор одат на испитување во комори за тестирање од последната генерација.

Проверените мотори стојат на полици и чекаат на ред или да бидат вградени во некој од моделите што се произведуваат во Oyak-Renault или да бидат испорачани во друг крај на светот
Гледано одстрана производството изгледа прилично едноставно. Се се сведува на неколку елементи: Пресите обликуваат метални делови од каросеријата. Машината за вбризгување пластична маса во соодветни калапи лее браници и предни крила. Машината за мотори изработува делови, мајсторите ги склопуваат и тестираат. Роботите склопуваат каросерии и прават брачни заедници и поставуваат стакла. Работниците ја коцкаат кабината и врзуваат кабли. И на крај, оп... автомобил и така секои 60 секунди. Сомневајќи се во изјавата на инженерите последново и лично го провериме со штоперица. Автомобилите се симнуваа од производната лента во интервали меѓу 56 и 62 секунди.
Но, тука не застанува патот на новиот автомобил. Сето тоа што го направиле работниците и роботите мора да се провери. Покрај вообичаените тестни машини кои ги проверуваат главните парметри за функционирање на автомобилот во Oyak-Renault големо внимание посветуваат на визуелната контрола на квалитетот и контрола преку допир. Идејата е да се имитира обичниот купувач кој го прегледува возилото во салон пред да се одлучи да го купи.

Завршната контрола е последна линија на одбрана од стратегијата како да се дојде до задоволни купувачи
Обучени работници внимателно ги разгледуваат случајно одбраните примероци од секоја серија проверувајќи го квалитетот на лакот, зјаевите меѓу панелите на каросеријата, затворањето и отворањето на вратите, функционирањето на електриката, поставувањето на панелите на вратите, рачките, седиштата, влечат и тегнат низ кабината удираат со цел да се открие дали нешто крцка, тропка, ѕвони. Дури откако ќе се добие зелено светло од строгите контролори серијата ја напушта фабриката и заминува на одредената дестинација до нов задоволен купувач.
|