Нурнувањето под хауба ноќе или во темна гаража бара
пристојно осветлување. Светилките за на глава во вакви ситуации се иделна
помош.
Можеби вашата гордост ќе биде повредена кога ќе се
појавите на улица личејќи на некој од јунаците во серијата Star
Trek, но, кога треба да си го осветлите пристапот под автомобилот светилките за
на глава се закон. Рацете се слободни, нема кабел што го ограничува движењето,
а зракот најчесто осветлува онаму каде што ви е свртен и погледот. Совршено!
Затоа голем број од овие светлечки помошници можете да ги купите во секој
подобро опремен дуќан.
Се сеќавате на гломазните батериски ламби што користеа
квадратни батерии од 4,5 волти, тежеа како олово и згаснуваа по само половина
час светење. Не грижете се тие се минато. Тука нема ништо неолитско. Како
секому така и на овие светилки, згодни за ракување, современата технолигија им
подари нова животна сила. Моќните и издржливи LED им
овозможија на производителите да ја смалат тежината на овие батериски ламби.
Кои сега зафаќаат помалку место и користат помали и полесни батерии и што е
најважно можат да светат непрекинато и до 50 часа.
Напредокот во дизајнирање на сочива им помогна на
производителите да го надминат проблемот на LED кои зрачеа
со тесно насочен зрак. Сега овие ламби можат да го рашират зракот и да
осветлуваат многу поголема површина. Една ваква светилка за на глава е нешто што е пожелно да
се има како прибор во автомобил. Но, за да не се одбере погрешната неколку
совети за тоа на што треба да се обрне внимание при купување.
Колку зракот е посветол и поширок толку подобро. Односно
колку повеќе светлечки диоди толку подобро осветлување, но и побрзо трошење на
батериите. Затоа пожелно е прекинувачот да дозволува неколку модуси на работа. Така сами во
зависност од потребата ќе определите колку светлечки диоди ќе бидат вклучени.
Некои производители се одлучуваат за комбинирани ламби од
LED и од халогенска светилка или светилка полнета со криптон
па дури и со ксенон. Светлечките диоди поради мала потрошувачка на енергија
овозможуваат долготрајно користење со широк светол зрак. Бидејќи осветлува
блиску, а трае долго се користи за работа. Халогенската светилка и оние полнети
со криптон или ксенон светат силно и фрлаат насочен зрак кој осветлува и до 100
метри и брзо ги трошат батериите. Ваква комбинација е прикладна за оние што
работат на терен и ретко кога е потребна за во автомобил. Воедно и цената оди
до небо за еден ваков продукт.
Добриот зрак не значи ништо доколку светилката е голема и
тешка. Големата тежина стегната на глава со еластични ленти за кратко може да
предизвика главоболка и вртењето на главата во тесен простор е ограничено.
Местењето на светилката под агол е уште една работа на
која треба да се обрне внимание. Колку поголем агол на местење толку подобро.
Фиксната светилка ќе ве натера да ја наведнувате или исправате главата,
понекогаш држејќи ја во многу незгодна положба подолг период, по што ќе се
здрват мускулите на вратот и болката е неминовна.
Оделно или интегрирано куќиште за батерии? Гласаме за
интегрирано. Одделното куќиште најчесто се наоѓа на тил и е поврзано со
светилката со кабел. Ја распределува тежината подеднакво напред и назад. Но, ја
прави ламбата гломазна и бара повеќе простор и внимавање при транспорт. Кај
интегрираното куќиште пак тежината е префрлена на напред и при најголем агол се
чувствува притисок врз челото. Сепак, светилката и куќиштето за батерии се
излиени во еден дел што ја прави компактна и лесна за транспорт, а по потреба
може да ја собере и в џеб.
Големите светски производители како што се Petzl,
Streamlight, Draper, Ring… ги нема на нашиот пазар, дури и она што по некоја
случајност може да се најде најчесто има висока и нереална цена. Затоа пак
батериски ламби од непознати производители не недостасуваат. Ги има во секој
подобро снабден маркет или дуќан за опрема за во природа. Цените се прифатливи
и секој може да си ги дозволи. Квалитетот не може да се мери со развиканите
производители. Но, основната намена е исполнета, а соодност вложено добиено
задоволува.
Да запомниме: понекогаш помошта што може да се добие од олку едноставна светилка нема цена.
|