Светскиот шампион во рели Себастиен Лоеб победи на релито
во Аргентина притоа освојувајќи ја својата рекордна четврта едно по друго победа во Јужна Америка.
Лоеб по три дневното измачување низ непрегледните
пространства на Аргентина успеа својот Citroen C4 да го
доведе до целта, но и покрај огромната разлика во однос на второпласираниот
Крис Аткинсон од Subaru победата беше далеку од прошетка во парк.
Во ужасно лошите временски услови кои знаат да ја погодат
Аргентина поготово во време на релито караванот на Светскиот шампионат во рели
се сретна со извонредно тешки проблеми. Тоа го потврдува и изјавата на Лоеб на
крајот од релито: „Временските прилики во Аргентина беа ужасни, најтешки
што сум ги затекнал во својата кариера.”
Воедно Лоеб имаше и приговори на новото правило во WRC поради
изборот на гуми. Имено правилото вели дека сите тимови мораат да користат тврди
гуми на макадам дури и во екстремни временски услови какви што им се случија на
натпреварувачите во Аргентина.
„На некои места едвај можеше да се задржи автомобилот на
пат,” изјави Лоеб. „Сме виделе магла, дожд, кал и на други релија, но се до
сега можевме да избираме соодветни гуми за условите во кои возиме, ова не е
добро. Се надевам дека може да се напарви нешто за да се зголеми бројот на
расположиви смеши за гуми за еден настан,” заврши Лоеб.
Аргентина го покажа недостатокот на ова ново правило и
веруваме дека FIA е веќе на пат да го смени. Понекогаш заштедата е
контрапродуктивна.
Да се вратиме на релито. На непредвидливите патеки во
Аргентина тимот на Ford кој беше најуспешен на релијата од стартот на сезоната
се сретна со многу проблеми. Лидерот во тимот Хирвонен се откажа уште првиот
ден од релито поради оштетување на суспензијата. Сепак, благодарение на
правилото SuperRally му се приклучи на
караванот на вториот ден и на крајот со преку 25 минути заостанување заврши на
петото место.
Младиот Латвала пак се откажа од релито на вториот ден поради
проблеми со моторот. Слично му се случи и на Петер Солберг кој одлично
возеше со својата Impreza и беше на пат да го освои второто место кога на
последниот ден неговиот автомобил застана поради проблеми со електриката,
препуштајќи му ја позицијата на тимскиот другар Аткинсон.
Третото место го освои вториот возач во Citroen, Дани Сордо,
а зад него пристигна уште еден Citroen C4 со Конрад Ротенбах. По оваа победа и
по проблемите на Хирвонен, Лоеб го превзеде водството во генерален пласман,
додека Ford останува на врв кај производителите.
Шампионат возачи:
1 Себастиен Лоеб - 30
2 Мико Хирвонен - 25
3 Крис Аткинсон - 22
4 Јари-Мати Латвала - 16
Шампионат производители:
1 BP Ford Abu Dhaby World Rally Team - 44
2 Citroen Total World Rally Team – 41
3 Subaru World Rally Team – 33
4 Stobart VK M-Sport Ford Rally Team - 22
|