Get Adobe Flash player
Aston Martin Rapide на Нирбургринг
03.04.2008
aston-martin-rapide-1.jpgНајдобрите шпијунски фотографии на Aston Martin Rapide што до сега се направени го прикажуваат спорсткиот седан за време на тестирање на патеката Нирбургринг.

Дизајнот на Rapide дефинитивно мами восхит и сигурно ќе биде еден од најпосакуваните автомобили и ќе ја загрозува позицијата на неговиот главен противник Porsche Panamera.

Rapide го следи препознатливиот дизајн на Aston Martin со агресивна маска и предни светла, висока половина која ја следи низок кров и кренат задник изгледа многу поспортски од Panamera, но и од вториор ривал во класата кој веќе подолго време се тркала по патиштата Maserati Quattroporte.

Иако има ниска силуета прилично развлеченото меѓуоскино растојание ветува доволно простор за четири патника, посебно за оние на задните седишта, како што впрочем прикажа и одамна претставениот концепт.

Она што јасно се забележува од фотографиите е стаклениот кров кој дозволува многу светлина да продре во кабината, а со својата развлеченост од предното до задното стакло и покрај нискиот кров овозможува привидно чувство на пространост над главите на патниците.

Иако сеуште никој не успеал да ја фотографира внатрешноста се претпоставува дека и дизајнот на арматурата и централната конзола ќе оди по линија на помал отпор и ќе носи печат од останатите модели на Aston Martin, што воопшто не е лошо. Напротив, па нели коњот што победува не треба да се менува.

Под хаубата работи најголемиот и најмоќниот мотор што Aston Martin го има во својата ергела. Станува збор за 6.0 литарскиот V12 кој произведува 500 коњски сили доволни за да ја забрзаат лимузината за околу 5 секунди до 100 km/h и да продолжат да ја забрзуваат до максимална брзина од преку 290 km/h.

Моќната коњица до задната оска ќе ја испраќаат мануелен или автоматски менувач со шест степени на пшренос. Изборот е оставен на клиентот и неговите афинитети. Но, се претпоставува дека автоматиката ќе биде најчест избор.

Прецизен датум кога Rapide ќе се појави пред светската јавност и кога стартува комерцијализацијата нема. Сепак, се очекува првите автомобили да стигнат до купувачите кон крајот на 2009.


 

 

 

Facebook