Get Adobe Flash player
BMW Серија 5 тестира
27.10.2009
bmw-serija-5-2010-1.jpgПрикажаните фотографии фрлаат до сега најубав поглед врз изгледот на новата генерација на седанот BMW, Серија 5 фатен од ловците на автомобили за време на тестирање некаде во околината на Минхен.

Автомобилот забележан на улица не е никакво тестно муле туку безмалку сериската верзија на новата генерација на Серија 5 која би требало да се појави на пазарот следната година.

Ако се суди според уловениот примерок новата Серија 5 ќе има значително помеки линии од актуелниот модел чие производство престанува на крајот од годината.

Предницата личи како да е земена на заем од новиот модел на Серија 5, GT што и не треба да чуди бидејќи автомобилот е поставен на истата платформа, нуди слични димензии и простор во кабината. Секако без дополнителната петта врата.

Во BMW не сакале да ризикуваат при креирањето на Серија 5 и нејзините варијанти. Се работи за модификувана платформа на која веќе почива новата генерација на Серија 7 со покусо меѓуоскино растојание.

Користењето на иста платформа значително ги намалува трошоците за развој, а во исто време на Серија 5 и нуди динамички карактеристики својствени за знаменосецот на марката Серија 7.

Ова значи подобро лежење на пат, подобро држење правец, поголем комфор при возење, подобро однесување во свијоци, повеќе простор во однос на актуелната Серија 5.

Со воведувањето во производство на новата Серија 5, вклучувајќи ја и веќе претставената верзија GT, производителот од Минхен отвора нова страница во историјата со менување на типските ознаки на моделите.

Па така седанот на Серија 5 место досегашната ознака со буквата Е, поточно Е60, ќе ја носи ознаката F10, додека комби верзијата ќе биде означена со типската ознака F11. Верзијата со пет врати GT со самото претставување ја понесе ознаката F07.

Иако сеуште сакаат да го држат во тајност новиот седан од BMW сепак не успеаја да додржат и информираат дека без оглед на поголемите димензии новата Серија 5 нема да биде потешка од актуелниот модел.

Се спомнува дека тежината кај некои модели би била и пониска. Ова се должи на обилното користење на алуминиумска легура за механиката, но и за делови на шасијата и каросеријата.

Полесниот автомобил, со модернизирани мотори, подобра аеродинамика и подобри динамички карактеристики на крај би требало да донесе и пониска потрошувачка и пониска емисија на издувни гасови, пред се, СО2.

Значи новата Серија 5 која ќе ја видиме во 2010 ќе биде и значително позелен автомобил од актуелниот модел.

 

 

 

 

Facebook