Историјата потврдува дека Серија 5 е еден од најважните
модели на BMW. Баварците се свесни и токму затоа секоја следна
генерација е избрусена до совршенство и претставува лидер во класата.
Наследникот на сегашната „петка” би требало да пристигне
на пазарот некаде кон крајот на 2009, како модел за 2010. Време за финиш на
развојната програма има се помалку па затоа камуфлрани прототипи фрчат низ
баварските патишта секојдневно во обид да се минат што повеќе километри и да се
дотераат до совршенство што повеќе елементи.
Овие последни слики упатуваат на конечниот изглед на
новата генерација на Серија 5, но секако треба да се очекуваат одредени измени
во конечниот дизајн.
Генерално линиите ги наследува од сегашниот модел, но
како што може да се претпостави главните измени на новајлијата се сокриени под
ламарината. Најновиот хит – турбото – останува како најголема љубов на BMW, затоа
знаменосецот ќе го носи 4.4 литарскиот битурбо V8 претставен
во Х6, додека на повидок се и цела гама на усовршени дизели кои сочинуваат
голем дел од продажбата на Серија 5.
Инженерите на BMW работат напорно на
усoвршување на новата генерација на системот common rail за своите
дизели кој работи на уште повисоки притисоци со цел постигнување на подобри
перформанси и смалување на потрошувачката.
Силните коњи ќе се пренесуваат до задната оска или до
сите четири тркала преку мануелни менувачи и полуавтоматски Steptronic менувачи
со шест степени, а се очекува вградување и на осумстепениот автоматик дело на ZF.
Отприлика една година по претставувањето на новата Серија
5 ќе пристигне и патничката ракета М5 кој ќе носи уште помоќен V10 со
зафатнина од 5.5 литри.
Се очекува подобрување на перформансите и намалување на
потрошувачката кај сите модели поради користењето на полесни материјали како
алуминиум и карбон-фибер. Конструкцијата на автомобилот ќе биде своевиден
хибрид составен од алуминиумска просторна рамка за предницата залепена за
класична челичен патнички кафез. Ваквиот начин на градба овозможува и подобра
дистрибуција на масата во сооднос 50:50 предна и задна
оска. Карбон-финер се очекува да биде применет за изработка на каросериските
делови на високоперформансните верзии.
Кабината ќе нуди повеќе простор и повеќе луксуз, а во
поглед на централната конзола BMW се враќа
кон своите корени. Таа како во добрите стари времиња ќе биде свртена кон
возачот и на неа ќе бидат поставени командите за новата верзија на системот iDrive.
Автомобилот ќе биде понизок од сегашната генерација, но
конструкторите велат дека и покрај понискиот кров внатре патниците ќе уживаат
во многу повеќе простор над главата, а воедно ќе порасне и багажникот и ќе може
да се пофали со волумен 550 литри.
На новата Серија 5 ќе и пораснат и тркалата. Се стартува
со леснометални бандажи од 17 инчи, па следат од 18 и од 19 инчни. Во BMW сметаат
дека ова е доволно и дека тркала од 20 инчи се сосем непотребни, но за ова
крајниот збор ќе го имаат тјунерите.
За сопирање се грижи нов електро хидрауличен систем кој
ќе има покусо време на реакција и ќе ја намали далечината на сопирање, секако
како поддршка на системот за сопирање се предната суспензија со опружна нога од
типот мекферосн и задната мултилинк оска превземени од сегашниот модел и
додатно доработени.
Бисерот од Баварија сеуште нема цена, но нормално е да се
очекува мало поскапување во однос на сегашната генерација.

|