|
Новата генерација на големото спортско корисно возило на Hyundai, Santa Fe, го открива својот лик далеку пред најавената светска премиера која треба да се случи следната година во април.

Станува збор за сосема нов модел, којшто во Европа ќе ја носи ознаката ix45 и ќе ја поплни празнината меѓу ix35 и ix55. Од она што може да се види дизајнот ја следи новата стилска форма на Hyundai позната како флуидна скулптура.
Предницата е далеку поагресивна со огромни светла за магла во кои се вкомпонирани светлечкидиоди за возење дење. Маската е потполно хромирана што не веруваме дека ќе се совпадне со вкусот на европјаните.
Задникот е варијација на тема од ix35 и ix55, а спојлерот на кровот го нагласува спортскиот карактер на Santa Fe. Што се однесува до моторите сеуште нема информации.

Се претпоставува дека под хауба ќе се најдат турбо дизелот од 2.2 литри со 194 КС и масивен вртежен момент од 420 Nm и турбо бензинецот T-GDI од 2.0 литри со директно вшприцување на горивото кој ослободува 274 КС и 365 Nm.
За во Европа се очекува и 2.0 литарскиот дизел од ix35 кој ослободува 184 КС, а за во Северна Америка моќниот V6 кој се нуди и во актуелниот модел, но тој ќе биде комплетно модернизиран.
Премиерата ќе биде во април 2013 година на салонот во Њујорк.
|