Иако на прв поглед лутиот автомобил личи како да е тестно
муле зад кое се сокрива наследникот на F430, сепак
станува збор за еден уникатен модел во кој ќе ужива само еден купувач.
Позната е практиката на италијанскиот производител на
суперспортски автомобили, во погоните во Маранело, повремено да создава уникатни
модели по нарачка на своите купувачи со екстремно длабок џеб.
За сума од околу 2 милиони евра секој
производител на каросерии, како на пример еден Pininfarina, е
способен да ви напрви уникатен автомобил поставен на платформата на еден Enzo или 612 Scaglietti
па дури и F430, но сепак, изворно тоа не е Ferrari.
Затоа верните и пред се богати вљубеници во коњот што се
шепури одат директно во Маранело и си го нарачуваат својот уникат.
Во случајов во дел од деталите се препознава F430 како што
се предните светла и предното стакло кои потекнуваат од серија, но остатокот е
сменет.
Дизајнот на овој уникатен автомобил е дело на италијанската
дизајнерска куќа Fioravanti. Дизајнерите комплетно го смениле
задниот дел кој сега е позаоблен и има поголеми отвори во задните крила за
доток на воздух.
На опашката доминираат светла налик на Ferrari
599 GTB Fiorano поставени на црна основа и поголем дифузор од оригиналот
F430.
За да се симне тежината и автомобилот да добие на
перформанси кровот е целосно изработен од карбон-фибер, како и страничните
ретровизори и страничните завеси, а од овој лесен и цврст материјал е изработен
и претходно споменатиот дифузор.
Зголемените отвори за воздух однапред и од страна
укажуваат на зголемување на перформансите на автомобилот, иако во Ferrari уверуваат
дека секој уникат што ќе излезе од нивните погони по перформанси е идентичен со
сериските примероци на чија платформа е поставен, бидејќи моторот и менувачот остануваат несменети.
И за крај една утеха. Иако љубителите на Ferrari нема да
можат да го купат овој модел, сепак, сега знаат дека за доволно пари во
Маранело секому што ќе изрази желба ќе му биде креиран еден ваков уникат.
|